13.03.2022

Прв пораз за дебитантот на домашен терен во сезоната, кавадарчани подобри (88:84)

18. КОЛО-ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Еуро Никел 2005 прв го победи Феникс 2010 во „Јане Сандански“

Феникс 2010 и Еуро Никел 2005 го затворија 18. првенствено коло... А екипата од Кавадарци стана првата која успеа да го победи дебитантот во Првата лига на негов терен, во СЦ „Јане Сандански“. Во натпревар исполнет со доста резултатски и играчки промени, победија кавадарчани, доволно да се израмнат со ривалот, и на четири кола пред крајот на регуларниот дел да имаат ист скор, десет победи и осум порази. За делба на позицијата 6, последната која води во доигрувањето за шампионската титула.

ФЕНИКС 2010 – ЕУРО НИКЕЛ 2005         84:88

Првото посериозна предност ја имаше Еуро Никел 2005. По израмнетата прва четвртина во која имаа поен вишок (19:18), во 15. минута кавадарчани се одвоија на плус од шест поени, (31:25).

Во голема мерка поради беспрекорниот шут на Дубински, кој ги погоди сите обиди од поле, собра девет поени откако влез од клупата за резервни играчи.

Серијата на гостите, со тројка, ја прекина Трајковски, кој со својот осми поен, намали на (31:34), кога се играше 17.минута. Но немаа постојаност во играта, особено во нападот домашните кошаркари. До крајот на полувремето дадоа само два (повторно Трајковски), примија девет и влегоа во двоцифрена негатива (43:33).

Интересно добар дел од поените на гостинската екипа беа дело на, макар и условно кажано, резервните играчи.

Освен Дубински кој застана на 11 реализации, осум поени дојдоа од Самарџиски, а по пет од Николовски и Караколев, играли кои може да се стартери и во било која друга екипа од лигата.

Иако без двете репрезентативни имиња Митревски и Хот, домашната екипа продолжи со „трката“. Во неколку наврати од третата четвртина Еуро Никел 2005 имаше и повисока предност (најчесто од девет поени), Феникс 2010 се доближи на три минусни поени.

А по тројката на Вилијамс, во 27.минута разликата беше два поени, (52:54). За кратко, затоа што Михајлоски го донесе посакуваното израмнување, а Петков и водството на Феникс 2010 (58:56). Серијата (9-0) ја продожи Трајковски, за уште повисоки (61:56) во корист на домашната екипа.

Николовски стави крај на ефикасниот период на екипата-домаќин, и постави (61:58) по три одиграни четвртини.

Всушност искусното крило со тоа поентирање отвори контра-серија за кавадаречката екипа од (11-0) за нова промена на водството (67:61) во само две минути игра од последниот период.

И тајм-аут за Денис Дервишевиќ, тренерот на Феникс 2010...

Но Дубински продолжи со поентирањето, и по неговиот 25. поен, беше (74:66) за гостите од Кавадарци. Тука не беше решено ништо, на 1:50 минута до крајот, Трајковски спушти на (75:79). Ниту двете тројки на Соколов, не ги деморализираа домаќините. Но како клучни беа нереализираните слободни фрлања, прво па Петков, потоа и на Морган, кој намали на (80:82), но за игра останаа само 16. секунди. Калахан беше многу посигурен, за (84:80).

Небесниот скок, и „два плус еден“ играта на Морган го оставија Феникс 2010 во игра за победа (83:84). Но уште еднаш Калахан беше „мирен“ ги погоди двете слободни фрлања за (86:83). „Ризикот“ со второ нереализирано слободно фрлање (на Вилијамс) не им се исплатеше на домашните кошаркари, затоа што топката дојде до Николовски. Погоди две слободни фрлања за да стави крај на пенал-завршницата со „хепиенд“ за Еуро Никел 2005.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 18. КОЛО

Феникс 2010 – Еуро Никел 2005         84:88

Кожув – Куманово 2009 95:80

Пелистер – МЗТ Скопје Уни Банка     99:89

ТФТ – Гостивар      95:86

МЗТ Скопје Аеродром – Ангели         96:70

Навико Академија ФМП – Работнички        33:32

ТАБЕЛА: Пелистер (17-1), МЗТ Скопје Аеродром (15-3), Гостивар (12-6), Навико Академија ФМП (12-6), ТФТ (11-7), Еуро Никел 2005 (10-8), Феникс 2010 (10-8), Работнички (7-11), Кожув (6-12), Куманово 2009 (4-14), МЗТ Скопје Уни Банка (2-16), Ангели (2-16);