21.03.2021

Пелистер го одигра веројатно најлошиот меч во сезоната, Куманово 2009 го казни тоа, и стигна до особено битен триумф од (81:73)

19. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Кумановци најдоа одбрана, го победија лидерот и се доближија до Суперлигата

Од вечерва и Куманово 2009 може да се пофали дека е една од ретките екипи во нашата Прва лига која успеала да го победи Пелистер. Водечкиот тим во Куманово не личеше на оној кој со право е на првата позиција во шампионатот.

„Сино-белите“ знаеја како треба, да „стегнат“ многу повеќе во одбраната, да ја „спуштат“ екипара која скоро редовно дава по сто поени, на пониска бројка на дадени поени.

И тоа им успеа...

КУМАНОВО 2009 – ПЕЛИСТЕР 81:73

Кумановци дојдоа до првата осетна предност, на истекот на 10.минута, по поените на Ливингстон, поведоа со (19:14). Следуваше тајм-аут реакција на тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски. Но на истекот на тој период разликата во корист на Куманово 2009, по тројката на Ѓекиќ (негов осми поен), беше идентична, (22:17).

Кумановци не попуштија ниту во втората четвртина. Беа во постојана резултатска предност против лидерската екипа во првенството. Од друга страна битолчани никако не успеваа да дојдат до својата препознатлива, пред сè, ефикасна игра. Не им одеше ништо од рака, особено шутот од далечина. Реализираа „зелените“ само три тројки (од 19.обиди).

Ништо подобри не беа ниту домашните кошаркари. Имаа само 18% на реализација зад линијата од 6.75 метри. Но она што е најважно, имаа солидна предност на полувремето.

Водеа со (39:32).

Имаа уште повисоки (53:40), во 25.минута од играта, а во која Трајковски ја доби 4.лична грешка, и донесе нови проблеми за екипата од Битола која никако не наоѓаше решенија за играта на „малиот“ Ливингстон. По неговиот 21.поен, кумановци одново беа на плус 13 (57:44).

Му парираше единствено игор Кесар, кој во тие нецели 28.минути, постигна 16.поени за Пелистер. Екипа која „живна“ по двете тројки, прво од Николиќ, потоа и од Нацевски. Вовед во серијата по која симнаа осум поени од високата негатива, и дојдоа на (52:57).

Сепак, четвртината Куманово ја затвори со нешто повисоки (61:54), односно идентичен плус кој „сино-белите“ го имаа и на полувремето.  

Но крајот беше далеку. Со нова серија од осум поени, по две и пол минути, Пелистер стигна и до првото водство (62:61).

Куманово 2009 најде одговор, и тоа реалитИвно брзо. Со добра игра, пред сè во одбраната. Со серијата од (10-3) на 3:15 минути пред крајот, одново имаа солидно водство (71:65), кое не го испуштија во тој последен дел од играта.

Стигнаа до својата деветта победа во 14. средби. За Пелистер пак ова е четвртти пораз (во 18.мечеви) колку што има и екипата на ТФТ, но со неколку помалку одиграни натпревари во досегашниот дел од сезоната

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 19.КОЛО

Гостивар – Кожув 56:70

Академија ФМП – Вардар         61:49

​МЗТ Скопје Уни Банка – ТФТ    74:90

Куманово 2009 – Пелистер       81:73

​ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ:

Црн Дрим Грин мобиле – Работнички

Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Аеродром