16.03.2022

„Сино-белите“ имаа постојано водство, и на крајот победија со (77:68) пред тргнувањето на Широки и последниот „балон“ во АБА лигата

19. КОЛО ПРВА ЛИГА –МАЖИ: МЗТ Скопје Аеродром ја оправда фаворитската улога во Гостивар

Во првиот натпревар од 19. коло, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја оправдаа улогата на фаворит. И стигнаа до особено значајна победа на нималку лесното гостување во Гостивар.

ГОСТИВАР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ  68:77

Гостите одиграа доста добро, пред се во дефанзивата во првото полувреме од дербито на 19. коло. Му дозволија на противникот да реализира само 35. поени за 20. минути. Освен тоа, доста добро функционираа нивните високи играчи. Рикиќ реализираше 13, а Милошевиќ 11 поени во првото полувреме кое екипата која ја брани титулата го доби со сигрни (48:35). Период од играта во кој браќата Стојановски додадоа уште по девет поени на тимскиот ефект.

На другата страна, упте еднаш поентерски, со 11 поени се издвои Ејасу Ворку.

Во продолжението на играта без особени промени, ни играчи ни резултатски. МЗТ Скопје Аеродром најде начини, и играчки решенија, како да ја сочува таа двоцифрена предност. На истекот на третата четвртина скопските „сино-бели“ водеа со (64:52). Со забелешка дека веќе имаа четири „двоцифрени“ играчи. Во таа поентерска „квота“, освен Милошевиќ и Рикиќ,  со по 11. реализации влегоа Војдан Стојановски и Адем Мекиќ.

Ништо не се смени ни во оние последните десет. Гостиварци постојано се обидуваа да ја намалат разликата на едноцифрена, но никако не успеваа во тоа. Гостите имаа една поентерски расположена петорка која финишираше со двоен број на поени, која и го изнесе товарот на овој значаен натпревар за шампионот.

Кај Гостивар, освен Ворку во една таква поентерска „улога“ се најдоа и Ефремовски односно Јанески, но премалку за да се победи МЗТ Скопје Аеродром.