31.03.2022

Макар и во првенствен натпревар, МЗТ Скопје Аеродром дојде до сигурна победа (93:87)

20. КОЛО ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Шампионот му се реваншираше на ТФТ за загубата на Куп-трофејот

Не е којзнае колкава, но е сепак освета, макар и во друго натпреварување. Не е Купот, но МЗТ Скопје Аеродром успеа да му се реваншира на ТФТ за загубата на еден од трофеите кои ги освои ланската сезона.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ТФТ                93:87

Делумно израметот беше во скоро три четвртини од играта, со забелешка дека „сино-белите“ од Аеродром го имаа водството, и тоа постојано. На истекот на првиот период беше (27:25), на полувремето нешто повисоки (53:47).

Слична позитива од шест поени „металците“ имаа и во средишницата на третиот период. Но тогаш тргна една долга серија, која се покажа и како победничка. Од резултат (62:58) како што стоеше на семафорот во 25. минута, бранителот на титулата му побегна на новиот освојувач на Купот на (73:58), за третиот дел од играта домаќините да го затворат со (73:61).

Расположениот Војдан Стојановски ја продолжи серијата на точни обиди вредни по три поени. За рекордно водство, сега од (81:63), а МЗТ Скопје Аеродром имаше 10/20 од линијата зад 6.75 метри.

Неодстижно за добар дел од нерасположените за игра гостински кошаркари на оваа средба со која е затворен 20.круг од натпреварите во Првата лига. А по која МЗТ Скопје Аеродром останува чекор зад Пелистер со ефект (17-3).

На две кола пред крајот на регуларниот дел, ТФТ сеуште не ја завери суперлигашката виза. Останува на скор од 12.победи, сега и осум порази, колку што имаат Гостивар и Еуро Никел 2005, на делба на позицијата 4.