27.03.2021

Денеска ќе се одиграат три од предвидените шест натпревари

21. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: „Академиците“ не го заборавиле поразот од „штркчињата“

Два од нив се со почеток од 18. часот...

Во салата „Независна Македонија“ во скопската населба Кисела Вода, екипата на Академија ФМП го пречекува младиот состав на МЗТ Скопје Уни Банка (4-13). Во обид „академиците“ да ја продолжат низата на добри игри и на уште подобри резултати во последниот период.  

Планираниот триумф би ја донел екипата на Академија ФМП (скор 10-8) на уште еден чекор до место кое води во Суперлигата.

Но не треба да се заборави дека „штркчињата“ еднаш веќе беа подобри од нив, што е големо, важно предупредување за тимот на Александр Петровиќ дека мора да има сериозен пристап во овие 40.минути.

Другиот меч се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци, каде исто така Еуро Никел 2005 (11-6), екипа во успон на формата и резултати, важи како фаворит против скопски Вардар (4-13).

Но тоа кавадарчани ќе мора да го потврдат на терен, затоа што „вардарци“ во последните неколку одиграни натпревари беа рамноправен конкурент и на екипите од горниот дел од табелата (случајот од пред неколку дена со Гостивар).  

Некако најнеизвесен, се чини дека е дуелот во Куманово каде гостува екипата на Кожув. Со евентуален триумф, Куманово 2009 (9-5) уште повеќе ќе си ги зголеми шансите за место во првата „шесторка“ која ќе продолжи кон плеј-офот и титулата.

Од друга страна ова е псоледниот обид на екипата од Гевгелија да остане во игра за еден таков резултат. Со пораз, Кожув (8-10) ќе биде и дефинитивно под линијата наречена ТОП 6.

Инаку, поради учеството на „балонот“ од АБА 2 лигата во Златибор, на екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, одложени се средбите Пелистер-Работнички односно Црн Дрим Грин мобиле – МЗТ Скопје Аеродром. Додека поради настапот на екипата на ТФТ во БИБЛ лигата, овој викенд нема да се игра средбата помеѓу Гостивар и ТФТ.

 ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 21. КОЛО

ДЕНЕСКА:

18.00: Академија ФМП – МЗТ Скопје Уни Банка

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

18.00: Еуро Никел 2005 – Вардар

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

18.30: Куманово 2009 – Кожув

Сала „Перо Наков“- Куманово

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ:

Гостивар - ТФТ

Пелистер - Работнички

Црн Дрим Грин мобиле – МЗТ Скопје Аеродром