27.03.2021

Во Кавадарци е совладан Вардар (96:79)

21. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Цврст и сигурен чекор на кавадарчани кон Суперлигата

Се поблиску се кошаркарите на Еуро Никел 2005 во реализација на првичните планови, обезбедување на место во најдобрите шест екипи во Првата лига кои ќе се борат за шампионската титула.

Рано поведоа избраниците на Горан Самарџиев. Противникот, Вардар, успеа да се врати, макар и за момент, но и ништо повеќе од тоа.

ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ВАРДАР    96:79

По нешто повеќе од шест минути од играта, кавадарчани имаа високи (18:6), но до истекот на првиот период „вардарци“ успеаа да се вратат на (15:20).

Соколов и Караколев уфрлија по шест поени за домашната екипа во тие десет минути. Во продолжението од натпреварот, во неколку наврати, имаа предност и од 12.поени (31:19), потоа и (33:21), на 2:21 минути пред одморот  (41:30). Но гостите од Скопје симнаа добар дел од негативата, односно ја направија едноцифрена (35:43). Во голема мерка и поради одличното издание на Диксон Дикембе кој собра 17.поени во 20.минути.

Токму Дикембе беше основната „причина“ што Еуро Никел 2005 не направи нова посериозна предност по големиот одмор. Доста егал се играше во третиот дел, во кој кавадарчани сепак ја имаа предноста, иако далеку од двоцифрена.

Дикембе стигна до 30.поени во 30.минути во кои неговиот тим симна пет поени од негативата која ја имаше на полувремето (61:64). Но Мијатовиќ и Дубински се погрижија да биде повисока (68:61).

По пет минути од последниот период, беше двоцифрена (77:67). Како најава за уште еден триумф на Еуро Никел 2005. Односно 12. во сезоната во 18.одиграни натпревари и скоро сигурно место во првата „шесторка“.

Вардар останува закован на 4.победи, сега и по 18.одиграни натпревари.

А дури седум кошаркари на Еуро Никле 2005 постигнаа десет и повеќе поени. Комплетната стартна петорка, која со 20. реализации ја предводеше Соколов, но и условно кажано резервистите Петровски и перович кои имаа по 11.

Соло изведбата на Дикембе заврши со 41.поен, но и 11. скока, и две асистенции, Провел го дополни со 15.поени.