03.04.2021

Кавадарчани делуваа сигурно, и славеа убедлива гостинска победа против ТФТ (83:67)

22. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Второто место е веќе реалност за Еуро Никел 2005

Кошаркарите на Еуро Никел 2005 направија уште еден чекор кон врвот на првенствената табела. Со доста сигурна, смирена, па и ефикасна игра, со „учество“ на комплетната прва петорка, полесно од очекувањата лесно се справија со најпријатното изнеандување во лигата – екипата на ТФТ.

Како гости, кавадарчани дојдоа до убедлив триумф кој ги приближува и кон втората позиција која со себе носи, условно кажано, нешто полесен противник во плеј-офот.  

ТФТ – ЕУРО НИКЕЛ 2005            67:83

Кавадарчани беа далку подобрата екипа во првото полувреме. Предноста од (22:15), која ја стекнаа во првата четвртина, кошаркарите на Еуро Никел 2005 ја зголемија во втората.

Имаа и плус од 14.поени (30:16), кошаркарите на Горан Самарџиев по 15.минути од играта.

Но ТФТ успеа да се врати. Макар и делумно, со мини серија од седум поени, за (23:30). Со четири поени Соколов одново ја направи разликата двпцифрена (36:25) во корист на гостите од Кавадарци пред Смит, со тројка, да ги постави конечните (28:36) на полувремето.

Период од играта во кој Караколев комплетираше десет поени за гостинската, а Смит исто толку за домашната екипа.

Кадаварчани продолжија во ист ритам. Трпеливо го одржуваа тоа водство. И ги казнуваа сите грешки на индиспонираните домашни кошаркари кои, за илустрација, за 25.минути од играта, реализираа само 36.поени.

На другата страна, „сините“ дојдоа до бројката од 52.поени, за највисок плус од 16.поени (52:36), кој го натера тренерот на домаќините, Боро Смилковски да побара тајм-аут. Да ја сопре таа серија од (8-0) на противникот.

Но без особен ефект, затоа што кавадарчани се стекаа со уште поголема позитива (63:42) како што беше во 28.минута.

Соколов, Рикиќ и Петровски го следеа Караколев во поентирањето, и пред последниот период во кој влегоа со плус 19 (63:44), веќе беа двоцифрени.

А таа разлика недостижна за ТФТ, кој мораше да се помири со петтиот пораз во сезоната (во 17.одиграни натпревари).

За Еуро Никел 2005 пак ова беше 13.победа во 19.одиграни средби во Првата лига. И приближување до позицијата број 2, која по овој успех е доста реална за кавадарчани.

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – ГОСТИВАР           77:72

Доста израмнет беше дуелот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во уводната четвртина. Домашната екипа брзо поведе со (9:3), но тоа траеше кратко, затоа што до истекот на првиот период Гостивар се врати. Со неколку точни удари од далечина (две тројки на Димчевски, и уште по една на Јанески и Костоски), гостиварци го превземаа водството (18:15).

Следуваше одлично одиграна втора четвртина на малите „металци“ кои не само што ја стигнаа таа и не така висока разлика, туку обезбедија и двоцифрена предност.

На истекот на првото полувреме имаа доста високи (47:36). Со седум поени во нецели две минути Гостивар се врати. Намалија гостите на (43:47), потоа и (51:54) во средишниот дел на третиот период.

Слично беше и на крајот на овој дел од натпреварот, МЗТ Скопје Уни Банка го оддржа водството (63:59). И не се предаваа момците кои ги предводи Борче Даскаловски. Упорно ја чуваа предноста од пет до седум поени. Гостиварци беа тие кои постојано го „бркаа“ резултатот. На пет минути пред крајот, исто беше и „растојанието“.

Домашната екипа водеше со (71:67), и успеа во обидот да направи уште едно големо изненадуавње. Да биде подобра од Гостивар (77:72).За победа број 6 во 19.одиграни средби во најсилната конкуренција. 

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 22.КОЛО

ТФТ – Еуро Никел 2005  67:83

МЗТ Скопје Уни Банка – Гостивар      77:72

19.00: Работнички – Академија ФМП

Сала: СРЦ „Кале“ - Скопје

https://youtu.be/s4ba-A4bRtc

НЕДЕЛА:

18.00: Кожув – Црн Дрим Грин мобиле

Сала: „26.април“ – Гевгелија

https://youtu.be/AoKYdaG_sdU

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ

Вардар – Куманово 2009

МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер