07.10.2021

МЗТ Скопје Аеродром стигна до првиот успех во новата сезона, беше подобар од гевгелиски Кожув (89:71)

2.КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Прва победа за шампионот

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром брзо се рехабилитираше по стартниот пораз во новиот шампионат. На првиот меч пред својата публика, на свој терен во СЦ „Јане Сандански“, во најголем дел од играта, делуваа убедливо против гевгелиски Кожув.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – КОЖУВ     89:71

По израмнетата прва четвртина во која домаќините сепак водеа со (20:17), многу работи се променија во онаа наредната. Уште поефикасно во нападот одиграа „сино-белите“ во чи редови се вратија двајца битни играчи како репрезентатиевц Бојан Крстевски и Роберт Рикиќ. Но уште подобар за тренерот Дарко Радуловиќ беше фактот дека дури деветмина домашни кошаркари стигнаа да се запишат во протоколот.

„Влијанието“ на центарскиот тандем во рекетот беа и тоа како видливо, макар што Стојановски и Милошевиќ беа најефикасни (по девет поени).

На другата страна, поентерски расположен беше некогашниот играч на МЗТ Скопје Аеродром, Кирил Николовски, кој изброја до 13. реализации, за нешто повеќе од 17. минути во игра. На гостите од Гевгелија и дефинитивно им недостасуваа поените од клупата за резервни играчи (имаа само два).

По убедливата втора четвртина, МЗТ Скопје Аеродром имаше високи (49:32).

Продолжението на натпреварот, односно третиот период, донесе многу порамноправна игра. Домаќините доминираа во скокот (имаа десет повеќе), но Кожув го имаше Николовски кој продолжи да погодува. Двете екипи реализираа по 17. поени, за резултатот, оној вкупниот, остане истиот (66:49).

Интересно, по 30.минути, дури четири кошаркари на екипата од Аеродром, имаа по девет поени (Стојановски и Крстевски од стартерите, плус Дејвис и Николов од резервистите), додека Милошевиќ беше единствениот двоцифрен (со десет).  

Гостите не се предадоа, по тројката на Николовски, намалија на десет поени негатива (73:63) во 34.минута од играта. Но серијата од (7-0) на Вер, Рикиќ и Стојановски ги тргна дилемите околу победникот. „Сино-белите“ одново беа на високи, сега и недостижни (80:63).