Со три убедливи победи изминатиот викенд стартуваа натпреварите од Суперлигата во женска конкуренција. Екипите кои досега поминаа без грешка, Бадел 1862 и Баскет КАМ го реализираа планираното. Изненади, со убедлив триумф и екипата на Крива Паланка, и во едно такво „расположение“ го пречекуваат вториот круг од натпреварите кој исто така носи доста интересни мечеви.
Кошаркарките на Баскет КАМ се голем фаворит во дуелот со Работнички закажан за 16.часот во СРЦ „Кале“. Репрезентативниот тандем на екипата од Каменица, Митрашиновиќ-Кметовска, дополнет со неколку помлади кошаркарки како Поп-Димитровска, Шеќероска, Зафировска, делуваше застрашувачки во првиот меч, оној против Струга 2009.
А без Едина Муса (не играше во Крива Паланка), реално Работнички тешко ќе парира на овој меч.
Од 16.часот, во салата „Независна Македонија“ ќе играат Бадел 1862 и Крива Паланка. Две екипи кои исто така имаа одличен почеток. „Баделки“ беа пресилни за Вардар, додека екипата од Крива Паланка неочекувано лесно славеше против Работнички. Домаќинот сака продолжение на серијата од 13.победи по ред, а пред себе има противник кој покажа дека може да биде незгоден ривал.
Ден подоцна, во Струга, од 15.30 часот, ќе разигруваат екипите на Струга 2009 и Вардар, кои ќе се обидат да најдат своја рехабилитација по стартните неуспеси во првото суперлигашко коло.
СУПЕРЛИГА – ЖЕНИ
ДВОЈКИ 2. КОЛО
ДЕНЕСКА:
14.30: Бадел 1862 – Крива Паланка
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
16.00: Работнички – Баскет КАМ
Сала СРЦ „Кале“ – Скопје
ЧЕТВРТОК:
15.30: Струга 2009 – Вардар
Сала СЦ „Тими“ – Струга