01.04.2017

4. коло ПЛЕЈАУТ: АВ Охрид не го дава врвот на табелата, Струмица вторпат посилна од Вардар

Кошаркарите на АВ Охрид се решени и идната сезона да бидат дел од прволигашкото друштво во Република Македонија. Избраниците на Петар Чочороски експресно го заборавија високиот пораз од Вардар во минатото коло и запишаа нова победа на своето конто. Овој пат „галебите“ го совладаа Пелистер на домашен терен во „Билјанини извори“ со 53-51 односно 12-14, 13-10, 17-12 и 11-15 по делници.

Шутерите на гостинскиот состав беа расположени за игра на почетокот на натпреварот па по само 120 секунди игра Пелистер веќе имаше водство од 0-6. Охриѓани брзо ја променија стратегијата и со неколку брзи контри и изнудени пенали го преземаа водството (7-6). Со исто темпо продолжи и играта во вториот период кој заврши со 13-10 во корист на домашниот состав. Се играше поен-за-поен и на почетокот на вториот дел од натпреварот, па Брукс реши да ги преземе работите во свои раце. Со две реализирани тројки во низа за нешто повеќе од 30 секунди, АВ Охрид имаше водство од седум поени (36-29) што се чинеше како доволна предност за победа. И покрај негативата пред себе, битолчани не подигнаа бело знаме пред време. Шутевите од далечина повторно беа нивен адут за преземање на водството на три минути до крајот (47-48). Во финишот сепак посреќни беа домаќините кои го искористија бонусот на Пелистер за да изнудат пенали и одново да се вратат во 'плус' на 90 секунди до крајот на средбата.

Стрелци на натпреварот
АВ Охрид: Брукс (22 поени + 11 скокови), Милојевиќ (10 поени)
Пелистер: Фил (21 поен)

Во вториот меѓусебен дуел од тековната натпреварувачка сезона во Плејаут лигата, екипата на Струмица повторно беше посилна од Вардар. Во првото коло, Струмица славеше на домашен терен со 63-61, а денес на гостински со 50-55 односно 6-16, 15-13, 19-9 и 10-17 по делници. Уште на стартот на натпреварот, струмичани го диктираа темпото на игра. Младите кошаркари на Вардар беа и тоа како побрзи во транзицијата, но на крајот реализацијата изостана, па Струмица и по одличната трета четвртина одиграна од страна на домаќинот успеа повторно да запише нова победа оваа сезона.

Стрелци на натпреварот
Вардар: Адекунле (15 поени)
Струмица: Јокиќ (20 поени), Брчков (17 поени)