Кошаркарите на Работнички со половичен ефект од две победи и исто толку порази, го завршија своето учество од премиерниот настап во првиот од трите предвидени „балони“ од АБА 2 лигата од регуларниот дел.
По двете врзани победи, стигна втор пораз. Како многу подобра, поцврста, физички доминатна екипа од нив се покажа онаа на Младост од Земун. За еден ваков, турнирски ритам, на Работнички му треба уште нешто...
МЛАДОСТ ЗЕМУН – РАБОТНИЧКИ 89:73
По три и пол минути од почетокот, Работнички оствари предност од седум поени (14:7). Но „црвено-белите“ го загубија уште побрзо. Во нешто повеќе од две минути, кога екипата од Земун направи серија од десет поени, за водство од (17:14). И прв тајм-аут на тренерот Димитар Мираковски по нецели седум одиграни минути.
Не ја променија офанзивната стратегија неговите играчи. Упорно форсираа шут за три поени. Во првата четвртина погодија четири тројки (Питс две од нив) од осум обиди. Но Младост го имаше водството (24:19).
Во период од нецели осум минути српскиот претставник направи „вишок“ од (23:5). Во 12. минута веќе беше на двоцифрена позитива (30:19). Па Мираковски мораше да ја потроши и својата втора минута за одмор во обид да ја спречи долгата противничка серија.
Без промена, затоа што младиот тим од Земун продолжи да поентира и да ја зголемува таа предност. Во 18.минута имаа плус и од 21.поен (45:24), за тоа лошо полувреме за нашиот претставник заврши со индентични- (49:28).
Една очајно слаба одиграна четвртина во која Работнички дојде до само девет поени, а прими дури 25!
Полувреме во кое Вашингтон даде девет, а Питс осум, а сите други кои влегоа во игра, по скромни три поени!!!
Ништо подобри не беа нашите кошаркари во продолжение од играта, последна од десетдневниот престој и играше на Златибор.
Навистина, на почетокот на последната четвртина, Работнипки се „симна“ на негатива од „само“ 12.поени (60:72), но не можеа да „спојат“ повеќе добри минути, и тој висок минус да го претворат макар и во едноцифрен. За кратко време повторно влегоа во „празни минути“, па поразот се појави како неминовност.
Вториот наш претставник, екипата на МЗТ Скопје својот последен меч во „балонот“ на Златибор ќе го игра на 18. ноември (среда), од 17.часот. А за противник ја има екипата на Борац од Бања Лука.