30.10.2021

„Црвено-белите“ го одиграа офанзивно најдобриот меч во првата фаза од првенството, и убедливо го победија лидерот на табелата со (105:92)

5. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Работнички не дозволи продолжение на перфекцијата на ТФТ

Една екипа помалку на листата има Првата лига кога се зборува за оние со перфектен скор. По пет кола „падна“ ореолот на „непобедливи“ за кошаркарите на ТФТ.

За тоа се погрижи екипата на Работнички. Скоро перфектно одиграа момците на Тони Симиќ во оној офанзивен сегмент од дербито на петтото коло. Затоа и славеа, на крајот и убедливо, и заслужено.

РАБОТНИЧКИ – ТФТ         105:92         

Дерби дуелот на ова коло го одбележија различни периоди на добра игра на двата „соседи“ кои своите натпревари ги играат во салата на СРЦ „Кале“.

По израмнетата и ефикасна прва четвртина во која ниту еден од ривалите не направи сериозна предност, работите почнаа да се менуваат во втората. Веројатно една од најдобрите, напаѓачки, на Работничкии во овој уводен дел од сезоната. Десет минути во кои „домаќините“реализираа 34, а примија само 20.поени. За убедливи (62:49) на полувремето.

Онаа наредната им припадна на гостите, макар делумно вратија дел од таа двоцифрена негатива. Беа на минус 7, (78:85) по три четвртини.

Онаа последната беше резервирана за драма...

ТФТ притисна уште повеќе дојде во ситуација да направи комплетен пресврт. Но се чини дека тројката на одлука дојде на 2:27 минути пред крајот. Ја постигна Марковски (негов 20.поен), за „стотка“ и недостижно водство на Работнички од (100:92).

Џексон Пол со 29. реализации беше прво име во победничката екипа која сега е на скор (4-1) каков што на спротивната страна има и ТФТ каде Александар Костоски заврши со 25. поени и 8.асистенции, а Хортон имаше уште 22.

АНГЕЛИ – ГОСТИВАР       74:88

Гостиварци влегоа во овој натпревар доста сериозно, Уште во раната фаза направија двоцифрена предност, а по десет минути беа на плус 10 (25:15).

Но како одминуваа минутите, така се „качуваше“ играта на Ангели, кои до полувремето успеаја да се приближат на достижни (39:41), а Мандерсон и Сумбри искомбинираа 30.поени.

На другата страна, главната поентерска улога ја имаа Ворку и Тодоровиќ (заедно 27.поени во тој прв дел од играта). Со серија од (14-4) Гостивар одново се одвои на сигурна разлика. Во 25.минута имаа убедливи (55:43).

Така беше „приказната“ во останатиот дел од натпреварпт, по кој Гоствар држи приклучок на горните позиции на табелата. Со ефект (4-1) е во друштво на Работнички, ТФТ и МЗТ Скопје Аеродром.

Инаку, во недела од 19.30 часот, во Кавадарци ќе играат Еуро Никел 2005 и лидерот во првенството, Пелистер. Колото ќе биде затворено во понеделник, со средбата Куманово – Навико Академија ФМП, своевидна „реприза“ на нивната пресметка во Балканската лига.

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 5. КОЛО

КОЖУВ – ФЕНИКС 2010  91:83

РАБОТНИЧКИ – ТФТ         105:92

АНГЕЛИ – ГОСТИВАР       74:88

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ       76:99

31.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА):

19.30: ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ПЕЛИСТЕР

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

https://youtu.be/dp14T8KGc8Q

1.НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК):

19.00: КУМАНОВО 2009 – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП

Сала „Перо Наков“ – Куманово

https://youtu.be/CPD-pHN0kJ8