29.04.2021

Анџелика Митрашиновиќ дојде до едно навистина нереално остварување – до трипл-дабл во победата над Работнички (98:37)

5. КОЛО ОД СУПЕРЛИГА-ЖЕНИ: Една нова супер-димензија на Баскет КАМ

Дека епитетите за голем фаворит за освојување на трофеите, не се само празни приказни, кошаркарките на Баскет КАМ го најавија во дуелот со Работнички.

БАСКЕТ КАМ – РАБОТНИЧКИ   98:37

Навистина девојките од „Градски парк“ во овој момент се далеку од конкуренција, но во првиот меч во кој Баскет КАМ ги пријави своите две странски аквизиции, покажа дека тие заклучоци имаат добра основа.

Јасно е дека вистинско мерило ќе биде дуелот во последното 6.коло, против екипата на Бадел 1862 во Скопје, единствената непоразена во досегашниот дел од сезоната.

Но самата „појава“ на играчи од таков профил како Гобељиќ и Брајковиќ се сигнал дека екипата од Каменица е подготвена да оди до самиот крај – до пехарите.

Пример, на оваа средба со Работнички, Гобељиќ даде 25.поени, имаше и 8.скока за 22:39 минути, а Брајковиќ двојно помалку, плус 7.скока и 5.додавања за 22:16 минути на теренот.  

Да не говориме и да не ја заборавиме Анџелика Митрашиновиќ. И нејзиното неверојатно постигнување. Нејзиниот трипл-дабл ефект, изразен со реализација на 29.поени, 13. асистенции, и внимавајте добро, 11 освоени, украдени топки, сеедно...

ЗА ИНДЕКС - 42!!!

Имаше и седум скока капитенот на нашиот национален тим. И недостасуваа само три да дојде до уште поневеројатен рекод. А не дека немаше време, играше „само“ 29:49 минути, на оваа средба на која стручниот тим на Баскет КАМ си дозволи и таков „луксуз“ да ја остави Ивана Кметовска во гледалиштето.