Во петтото одиграно коло од тековната натпреварувачка сезона во Супер лигата, екипите на Работнички, МЗТ Скопје Аеродром и Карпош Соколи забележаа победи над своите противници во рамки на ова коло – Фени индустри, Куманово односно против Кожув.
Во првиот натпревар, најтрофејниот кошаркарски колектив го спречи кавадаречкиот состав во намерата да ја забележи првата своја победа во тековната натпреварувачка сезона. Избраниците на Љупчо Малинков резултатски заостануваа од почетокот на натпреварот, а загубените топки „центарци“ брзо и лесно ги водеа кон својата половина успешно завршувајќи ги акциите. Капитенот Димитар Мираковски најмногу се истакна на овој натпревар. Поранешниот македонски репрезентативен плејмејкер брзо ги разигруваше своите соиграчи (пет асистенции), а им помагаше и на високите обрачи во битката под кошевите. Лесната рака на Владо Илиевски, кој на овој натпревар реализира пет шутеви од далечина, придонесе за сигурно водство на почетокот на последниот период и победа од конечни 84-69 (24-10, 16-26, 18-15, 26-18)
Стрелци на натпреварот
Работнички: Мираковски (16поени), Илиевски (20), Тасовски (22)
Фени индустри: Николовски (20 поени), Ѓекиќ (10), Стајиќ (11)
Во истиот термин се пресметаа МЗТ Скопје Аеродром и Куманово. Во реприза од минатогодишното финале од плејофот, актуелниот шампион во домашното првенство прокоцка удобно водство пред ланскиот вицешампион и се доведе на само два поени позитива во самиот финиш. Следеше период на пенал-пресметка.
На нешто повеќе од 20 секунди до крајот, Мијатовиќ изнуди две слободни фрлање, но не успеа да ги реализира. При офанзивен скок , Марко Симоновски го фаулира Никола Караколев кој доби два пенала и со реализација на еден го доведе Куманово на 75-74. Повика Анте Назор тајмаут, но стратегијата не можеше да биде демонстрирана со оглед на тоа дека Живановиќ во обид да ја смири играта му подари на домаќинот нови пенали. На линијата за слободни фрлања застанаа Темс, Караџовски, Мијатовиќ и одново Темс. Останаа четири секунди за игра, при водство за домаќинот од 81-76, а времете беше невозможно да се промени резултатот. МЗТ Скопје Аеродром триумфира со 81-76 (24-13, 20-21, 16-16, 21-26)
Стрелци на натпреварот
МЗТ Скопје Аеродром: Лалиќ (20 поени), Мијатовиќ (14), Темс (22)
Куманово: Караџовски (30 поени), Браун (11), Јанески (17)
Со натпреварот помеѓу Кожув и Карпош Соколи се комплетира петтото коло од Супер лигата. Третиот натпревар на распоредот кој започна еден час подоцна беше далеку понеизвесен споредено со претходните. Двете екипи се агресивно се бореа за превласт на теренот, но ниту една не успеа резултатски да се одлепи и да го примора противникот да греши уште повеќе. Концентрирани беа кошаркарите на двете страни, но во првиот дел особено се истакна Бојан Крстевски. Репрезентативниот крилен центар го водеше својот тим во моменти кога шутот на гостинскиот состав не функцонираше како што Драган Николиќ би посакувал. Жарко Чомагиќ, кој требаше да биде адутот по надворешните линии веќе по истекот на десеттата минута имаше три фаули зад себе и мораше да биде повлечен од игра. Без Бојан Трајковски во рекетот, сиот товар падна над Игор Пенов кој немаше свој ден (0 поени) и над Драган Лабовиќ. „Соколите“ не успеаја да реализираат два напади во низа, во исто време домаќинот изнуди слободни фрлања и наталожи четири поени предност (70-66). Гостите ја стигнаа негативата, дури накрато беа во водство (74-75), а последните 60 секунди се одиграа во егал. За десетина секуди гостите ги принудија домаќините да направат две лични грешки (Мекнил и Крстевски) со што го исполнија бонусот. Мавра реализира еден пенал за 77-78, резултат кој подоцна Пери го запечати на 77-79 (21-19, 21-21, 18-17, 17-22)
Стрелци на натпреварот
Кожув: Крстевски (16поени), Мекнил (19), Мијовиќ (23)
Карпош Соколи: Лабовиќ (17поени), Шепа (10), Зековиќ (14), Пери (17), Мавра (16)