08.04.2017

6.коло СУПЕР ЛИГА: МЗТ Скопје Аеродром сè уште непобедлив, Кожув впиша два бода против Куманово

И по шест одиграни натпревари во тековната натпреварувачка сезона од Супер лигата, актуелниот шампион во домашното првенство МЗТ Скопје Аеродом не знае за пораз. Последната победа на своето конто, кошаркарите од клубот од престолнината на Република Македонија ја впишаа на гостински терен против Фени индустри. Победата е и своевидна одмазда на македонскиот шампион кој пред речиси два месеци на истото место беше елиминиран од Купот на РМ токму од кавадарчани. Со победата од 61-77(14-13, 21-21, 15-22, 11-21) МЗТ Скопје Аеродром се зацврсти на првото место на табелата.

Резултатот кој стоеше на семафорот на истекот на 40. минута дефинитивно не го опишува текот на натпреварот. Кавадарчани беа агресивни на стартот отворајќи со 5-0. Анте Назор знаеше што да им каже на своите играчи, па гостите од Скопје брзо се вратија и го анулираа водството на домаќинот. Следеше изедначена борба на паркетот во салата „Јасмин“ каде двете екипи си го предаваа водството. Вториот дел од натпреварот мина во доминација на гостите. Концентрацијата кај домаќинот дополнително опадна кога вратените топки од противничкиот рекет не го наоѓаа патот кон обрачот. Тоа резултираше со колапс на играта од која профитираа аеродромци за фуриозна серија од 11 поени.

Стрелци на натпреварот
Фени индустри: Пантиќ (15 поени), Николовски (12 поени, 10 скокови), Стајиќ (12)
МЗТ Скопје Аеродром: Дреновац (19поени), Мијатовиќ (21), Клоф(13), Ѓуроски (12)

Во истиот термин, ланскиот вицешампион Куманово не успеа да победи вторпат во овој дел од натпреварувачката сезона. Домаќинот Кожув беше далеку подобар во одбраната па веќе на крајот на првиот дел од натпреварот имаше 10 поени предност (45-35). Започнувајќи го вториот дел со висока предност им даде самодоверба на шутерите кои впрочем во текот на целиот натпревар реализираа во моменти кога на гевгеличани тоа им беше потребно. Кумановци се рехабилитираа кон крајот на третиот период, но разликата од 16 поени се покажа како недостижна. Во финишот, Кожув славеше со 86-78 (18-17, 27-18, 23-17, 18-26) и впиша нови два бода на своето конто.

Стрелци на натпреварот
Кожув: Мијовиќ (23 поени), Мекнил (16), Димчевски (16)
Куманово: Караџовски (12 поени) М.Пековиќ (11), Јанески (13), Караколев (15), Р.Пековиќ (16)