Дуел во кој кумановци се во улога на фаворит, но тоа треба да го докажат на теренот. Паузата поради присуство на коронавирусот, ја прекинаа со натпреварот против Теодо во рамките на БИБЛ лигата. Но тоа кумановци одамна го оставија зад себе.
„После две неделната изолација и неколкуте промени што ги направивме во изминатиот период, полека се консолидираме и ја подобруваме играта. Во средата одигравме одличен натпревар против Теодо на кој несреќно загубивме. Имаме три дена да ги исправиме грешките и со подеднаков пристап и залагање да дојдеме до третата победа во четири одиграни натпревари во домашниот шампионат“- појаснува Владимир Мирковски, со забелешка дека по дуелот со прволигашот од Струга, Куманово го очекува еден пеколен распоред.
Од двонеделен карантин оваа седмица се врати и екипата на Црн Дрим Грин Мобиле.
„Нè очекува натпревар со Куманово кој е апсолутен фаворит. Пред сè, заради искуството на имињата кои ги има во играчкиот ростер. И згора на тоа кај нив е нашиот најдобар странец, Рос. Сепак, нема да излеземе со бело знаме. Пред сè затоа што во составот имаме неколку младински репрезентативци кои докажаа дека можат да се носат со предизвиците кои ги носи играњето во Првата лига. Ќе продолжиме да им даваме шанса на младите играчи, се со цел да се изградат во подобри кошаркари. Ќе биде интересен натпревар, штета што се игра без публика. Но ќе чекаме подобри времиња да дојдеме до тоа“- коментира тренерот на стружани, Перо Чочороски пред вечерашното гостување во Куманово.