12.11.2021

Погледот на табелата вели дека двете екипи имаат идентичен скор, четири победи и два порази во шест одиграни кола

7. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Работнички става крај на победничката серија на „лавовите“?

И седмиот круг од натпреварите во Првата лига-мажи ќе биде со „продолжен карактер“. Обврските кои ги носи играњето во АБА 2 лигата за МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер, одново „предизвикаа“ поместување на нивните натпревари во домашниот шампионат.

А поради зафатеност на салата во СРЦ „Кале“ во престојниот викенд, екипата на Работнички својот натпревар против екипата на Навико Академија ФМП ќе го одигра вечерва, од 18.часот.

Погледот на табелата вели дека двете екипи имаат идентичен скор, четири победи и два порази во шест одиграни кола.  

Но во различен период.

„Црвено-белите“ има четири победи во пет кола од почетокот на сезоната, „лавовите“ од Кисела вода пак доаѓаат „Под Кале“ со четири триумфи по ред.

Сериозно предупредување за најтрофејниот клуб во нашата земја.

„Го оставивме зад себе оној лош настап во дерби дуелот со МЗТ Скопје, и веќе одамна сме насочени кон она што следува, средбата со Академија ФМП. Работевме доста на корекција на грешките кои ги имавме доста на таа средба. Пред нас е екипа која никако не смее да се потцени, напротив. Мора да ‘потрошиме’ големо количество енергија за да бидеме подобри од нив. Со вистински пристап кон обврските ќе бидеме поблиску до тоа, да дојдеме до победата“ – смета првиот тренер на тимот од „Градски парк“, Тони Симиќ.

Изедначен натпревар очекува Филип Бакоч. Силното крило на Навико Академија ФМП смета дека победникот ќе го решава играта во одбраната.

„Со оглед на тоа дека двете екипи се со идентичен скор на табелата, очекувам доста изедначен натпревар. Според мене, клучен момент на средбата ќе биде одбраната, како и скок-играта. Искрено, се надеваме на продолжување на победничката серија“ – вели Бакоч пред вечерашното гостување во „Кале“.

Еден натпревар ќе се игра во саботниот термин, Гостивар – ТФТ (од 19.часот), уште два во неделниот, Куманово 2009-Кожув (19.00) и Еуро Никел 2005 – Феникс 2010 (од 19.30 часот).

Во вторник, на 16. ноември пак ќе се играат последните две средби од ова седмо коло. Од 15.часот, МЗТ Скопје Уни Банка го пречекува Пелистер, некој час подоцна, од 18.30, Ангели ќе биде домаќин на МЗТ Скопје Аеродром.

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

ДВОЈКИ 7. КОЛО

ДЕНЕСКА:

18.00: Работнички – Навико Академија ФМП (МРТ)

Сала СРЦ „Кале“ - Скопје

https://youtu.be/TriaReUZq0U

САБОТА:

19.00: Гостивар – ТФТ

Сала „Младост“ – Гостивар

https://youtu.be/kpKBSItrmVM

НЕДЕЛА:

19.00: Куманово 2009 – Кожув

Сала „Перо Наков“ – Куманово

https://youtu.be/CM6LyxTNn-Q

19.30: Еуро Никел 2005 – Феникс 2010

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

https://youtu.be/aa8JSNa7erw

16. НОЕМВРИ:

15.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Пелистер

Сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/qSDV4fWSpkI

18.30: Ангели – МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Независна Македонија“ - Скопје

https://youtu.be/u8RMAOYgDYM