16.12.2020

Вечерва ќе се одиграат три натпревари, најинтересниот во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје го пречекува Еуро Никел 2005

8. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Кумановци во турбо ритам, другите во потрага по натпреварувачка форма

17.00: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЕУРО НИКЕЛ 2005

Во изминатиот период, „аеродромци“ имаа сериозни проблеми со корона вирусот. Скоро цел месец се без официјален натпревар. Последниот пат на терен „металциге“ беа на 18. ноември, кога во рамките на АБА 2 лигата, на турнирот во Златибор, играа против екипата на Борац од Бања Лука.

„По пауза од еден месец конечно ќе играме. Не по наша вина, но корона вирусот ни направи сериозни проблеми во изминатиот период, затоа што беа заболени голем број од играчите, но и членови на стручниот штаб, поради што и не бевме комплетни на тренинзите. Како и да е, сега сме сите на број за овој меч против една искусна екипа каква што има Еуро Никел 2005. Очекувам да бидеме максимално агресивни на сите делови од теренот, особено во одбраната. Да наметнеме свој ритам на игра од самиот почеток. Тоа се клучните работи кои мора да ги поставиме и да реализираме во наша корист“појаснува предводникот на тимот од Аеродром Ѓорѓи Кочов, по утринскиот тренинг, а пред дуелот со кавадарчани.  

Без натпревар, изминатиот викенд, планиран, во последен момент, останаа и кошаркарите на Еуро Никел 2005.

„Среќни сме што конечно ќе заиграме официјален натпревар. Имавме преголема пауза и не знаеме во каква натпреварувачка форма сме. Но едно знам. А тоа е дека Еуро Никел 2005 ќе даде  100% од своите можности и ќе гледаме да ги искористиме своите шанси. МЗТ е фаворит, и најдобар тим во Македонија. Очекувам добра игра и добро здравје на сите“.- посакува Горан Самарџиев, првиот тренер на екипата од Кавадарци

17.00: ВАРДАР – АКАДЕМИЈА ФМП

Конечно, на терен ќе излезат и кошаркарите на Академија ФМП. За последен пат „пантерите“ од Кисела Вода играа некој официјален натпревар на 7. ноември.

Па оттука, денешниот дуел со екипата на Вардар со себе носи доста непознати дури и за стручниот тим на Академија ФМП, предводен од тренерот Александар Петровиќ:

„Што да кажам, едвај чекаме да почнеме да играме кошарка. Желни сме за играње, за натпревари. Зад нас се месец и половина без кошарка. Сакаме да го надминеме тоа. Играме против една млада екипа, слична на нашата. Од моите играчи очекувам да ги испочитуваат сите оние работи од тренинзите на кои работеввме доста добро. Ќе играме без Петровски и Димитровски. Но, очекувам добра игра, и се разбира, победа за Академија ФМП“- вели искусниот стручњак пред гостувањето на „Кале“.

18.30: ПЕЛИСТЕР – КУМАНОВО

Мал број на одиграни натпревари се и зад кошаркарите на Пелистер. Вечерашниот, против екипата на Куманово, ќе биде само третиот за нив од почетокот на сезоната, која календарски го носи осмото коло.

„Oдиме полека во сезоната, без никакво брзање. Најбитно е да играме, да останеме сите здрави и живи во една ваква лоша здравствена ситуација која владее во светот.  Никако не успеваме да  ‘врземе’ две натпревари во овој дел од првенството. А на средбата со Куманово, нека победи подобриот. На крај повторно ќе кажам, битно е сите да сме здрави“- посакува репрезентативецот Бојан Трајковски.

Сосема поинаку е во редовите на Куманово...

„Ова е наш трет натпревар во рок од шест дена. И имавме само еден ден да се подготвиме за гостувањето во Битола, за разлика од тимот на Пелистер кој не го одигра неделниот дуел во Кавадарци, и имаше повеќе време за одмор. Сакам да кажам дека во време на пандемија, треба да ги ставиме личните интереси на страна. Најважно е здравјето на спортистите, и нормално да задржиме континуитет во играњето преку кој ќе победи спортот. Одиме во Битола да играме, па што биде-нека биде. Има 22 кола, долго е првенството“- коментира првиот тренер на Куманово, Владимир Мирковски.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 8. КОЛО

ДЕНЕСКА:

17.00: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005 (МТВ)

17.00: Вардар – Академија ФМП (стрим)

18.30: Пелистер – Куманово (стрим)

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ

Работнички –  Црн Црим Грин Мобиле

ТФТ - МЗТ Скопје Уни банка

Кожув - Гостивар