16.12.2020

Еуро Никел го изненади МЗТ Скопје (87:75), а во градската пресметка, екипата на Академија ФМП подобра од Вардар (82:79).

8. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Соколов прелета преку Аеродром

Во дуелот на две екипи зад кои е сериозна пауза во играњето на прволигашка кошарка, онаа од Кавадарци се покажа како малку подобро подторвена во однос на онаа од Аеродром.

Разликата на средбата во СЦ „Јане Сандански“ сепак ја направи еден играч, и тоа како, добро познат.

Дарко Соколов беше меч-винер на Еуро Никел 2005 во дуелот против клубот во кој исто така доживеал доста убави моменти во кариерата.

МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005  75:87

По нецели четири минути тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов мораше да земе тајм-аут. Јасно и поради што, Еуро Никел 2005 влезе подобро во овој дерби дуел на 8. коло, кавадарчани поведоа со (11:5).

Многу поголема енергичност во играта донесе влегувањето на Магдевски кој го замени Николов. А МЗТ Скопје Аеродром брзо врати, со серија од (7-0) за првото водство на домаќинот, (12:11).

Но Дарко Соколов мислеше поинаку. До истекот на првата четвртина нанижа 11.поени, гостите од Кавадарци поведоа и со (20:15), за уводните 10.минути да бидат затворени со (23:20).

По неполни три минути од втората четвртина, и десеттиот поен на Стојановски, МЗТ Скопје Аеродром одново беше во водство (26:25), што го натера Горан Самарџиев да побара минута за одмор и совети.

Го имаше Соколов, да одржува резултатски баланс. Искусниот бек дојде до 19.реализации, и со помош на Караколев (четири поени), не дозволи „аеродромци“ да размислуваат за нешто повеќе од егал во резултатот.

Плус од пет поени (42:37) имаше МЗТ Скопје кога Стојановски уфрли трета тројка, а Карачиќ искористи зицер, за тој втор период од играта да финишира со уште еден точен обид за три, на Дамјан Стојановски, за негов 16.поен, и конечни (45:41) во корист на екипата-фаворит кои ги постави најискусниот актер на теренот, Данило Мијатовиќ.

По исто „сценарио“ продолжи да се игра и во третиот дел. МЗТ Скопје ќе направеше предност, но не поголема од шест разлика, а Еуро Никел 2005 ќе ја стигнеше.

Така беше и по 26.минути игра во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, (50:50). А и во финишот на оваа фаза од играта (54:54). Пред Николов, од линијата за слободни фрлања, не постави (56:54) за „сино-белите“ од Скопје.

По втората тројка на Петровски, а шеста за гостите, Еуро Никел 2005 го сврте резултатот во своја корист, (61:58), за нов заплет во салата во Аеродром.

По новиот тајм-аут на Кочов, ги изненади, со нова тројка, Мијатовиќ, за највисоки (64:58) на шест минути до крајот на мечот во кои нови грижи му донесе кој друг, ако не Соколов.

Со мини-серија од пет поени (26. за него) за (69:62), и нова минута за делење на совети на тренерот на домашната екипа. Без особен ефект, затоа што Соколов беше едноставно незапирлив. Уште еднаш погоди екс-репрезентативецот за три поени. За двоцифрени (74:64) за гостите од Кавадарци кои беа убиствени за популарните „металци“.

 

 Вардар – Академија ФМП         79:82

Изненадувачки, за играта на Вардар, Провел не беше првото поентерско име кај „црвено-црните“ во првата четвртина. Таа улога ја превзема Ташовски, кој даде 10. од оние 26. поени кои Вардар ги уфрли за десет минути од играта (Провел имаше само два).

На другата страна, примија пет помалку, за водство од (26:21).

Серијата од шест поени по ред, реализирана во нецели две минути, преку Какруки (четири поени) и Крстајиќ, ја донесе екипата на Академија ФМП во водство (27:26). Од тој момент следуваа доста промени на водството. Ниту една од двете екипи не успеа резултатски да „се одлепи“ на некоја поголема разлика.

Така беше и на полувремето, заврши со „минималец“ (39:38) во корист на Вардар.

Третата четвртина беше четвртина на Академија ФМП, во секој поглед, најмногу играчкиот. Со серијата од (19-6) во шест минути, момците на тренерот Александар Петровиќ дојдоа до посакуваниот пресврт. И водство, двоцифрено, од (57:45).

Но „вардарци“ никако немаа намера да се откажат од борба. Со осум неодговорени поени, во наредните две минути, се доближија на (53:57).

А таа четвртина заврши со водство на гостите од Кисела Вода со (63:57), кои почнаа да погодуваат и од далечина, што не беше случај во првото полувреме.

Погодија пет тројки, четири од нив беа дело на расположениот Крстајиќ.

Она што го најавија пред крајот на третата, домашните кошаркари го постигнаа по нецели четири минути игра од последната. Дојдоа во водство (68:65), преку серија од (11-2). Со голема помош од Лефкоски, и конечно Провел кои му се придружија на Ташовски како „двоцифрени“ во домашниот состав.

Но „пантерите“ се покажаа како подобри финишери. Имаа подолг ростер на расположени играчи. Знаеја да погодат Херис, Темелковски, и новакот Двојаковски, како тројката за (78:73).

Но, моментот на одлука дојде на девет секунди пред крајот, кога Крстајиќ беше фаулиран во обидот за три поени. Ги реализира сите три „пенали“, за (81:78), кои Вардар не ги стигна, и загуби, по втор пат доста несреќно во „Кале“.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 8. КОЛО

МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005  75:87

Вардар – Академија ФМП         79:82

Пелистер – Куманово во тек

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ

Работнички –  Црн Црим Грин Мобиле

ТФТ - МЗТ Скопје Уни банка

Кожув - Гостивар