19.11.2021

Слави МЗТ Скопје Аеродром со (78:75), и го поништи тројниот ефект на Ијасу Ворку, најдобриот играч на Гостивар

8. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ:Седум победи по ред за „металците“

Актуелниот шампион, МЗТ Скопје Аеродром ја оствари седмата победа во низа, по триумфот во еден од најинтересните натпревари оваа сезона во македонското кошаркарско првенство.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ГОСТИВАР    78:75

МЗТ Скопје славеше со 78-75 и го преживеа фантастичното издание на противничкиот играч Ијасу Ворку кој стана прв играч сезонава со трипл-дабл во Првата лига. Плејмејкерот на Гостивар ги одигра сите 40 минути и постигна 23 поени, 11 скока и 11 асистенции, но тоа за малку не беше доволно за неговиот тим да ги освои бодовите во големото дерби.

Домаќините ја имаа контролата над играта и резултатот во најголемиот дел од мечот, но не успеаја порано да го решат прашањето околу победникот. Во втората четвртина водеа со 31-17 што беше највисока предност на една од екипите на овој натпревар. Гостиварци вратија со серија од 19-4 за водство од 36-35 на минута пред крајот на полувремето за во последниот напад МЗТ да се избори за минимална предност по 20 минути игра.

Слично беше и во вториот дел. МЗТ водеше со 46-38 и 48-40 за Гостивар преку Ворку и Силаџи да дојде до 50-50. На шест минути пред крајот на натпреварот беше 64-55 за аеродромци и повторно со серија од 9-0, тимот на Александар Јончевски дојде до израмнување. Во продолжение Вер постигна две тројки, а Крстевски погоди две положување за 74-69 на 67 секунди пред крајот, но тука бепе Ворку кој со девет поени по ред го одржуваше во живот својот тим.

Драмата достигна улминација во последните 20 секунди. Мекиќ и Стојановски промашија три слободни фрлања, а Дамјан погоди еднаш за 76-73. На спротивната страна со еден „пенал“ врати Јанески, но одбиената топка ја прифати Тодоровиќ кој имаше шанса на Гостивар да му донесе израмнување и продолжение. Сепак, Србинот беше прецизен само еднаш и МЗТ преку Стојановски стави точка на мечот.

Крстевски и Вер со по 19 поени беа најдобри поединци кај МЗТ Скопје. Во тимот на Гостивар, освен Ворку, се истакна и Силаџи со 18 поени