Согласно со распоредот, денеска на програмата се два натпревари. Првиот од 17. часот во салата „Независна Македонија“ во Скопје, каде Академија ФМП го пречекува тимот на ТФТ, додека еден час подоцна, во салата „Младост“, Гостивар е домаќин на екипата на Вардар.
Во недела пак ќе разигруваат Куманово 2009 и МЗТ Скопје Аеродром, односно Црн Дрим Грин мобиле-Пелистер.
Поради присуство на коронавирусот, но и време поминато во изолација на одреден број на играчи, но и членови на стручните тимови, одложени се натпреварите МЗТ Скопје Уни Банка-Работнички и Еуро Никел 2005 – Кожув. Ќе бидат одиграни во некои дополнителни термини.
17.00: АКАДЕМИЈА ФМП – ТФТ
Работниот викенд ќе го отворат екипите на Академија ФМП и на ТФТ. Би се рекло, двете екипи го очекуваат во различно расположение. По тесниот триумф против Вардар, „пантерите“ во Кисела Вода, ќе ја бараат и третата победа во првенството. Имаат добра основа за тоа, ако се земе в предвид дека нивниот противник пред некоја вечер доста се „потроши“ во оној меч од Балканската лига.
„Пред сè, добро е што почнавме повторно со натпревари по повеќе од месец дена пауза. Претходниот натпревар со екипата на Вардар и покрај нашата лоша игра успеавме да го добиеме. Играме со екипата на ТФТ, која настапува во БИБЛ лигата, и во овој момент е во подобра форма од нашата. Мојата екипа мора да влезе со подобар пристап на овој натпревар. Добро ги знаеме нивните силни, но и слаби страни. Се надевам на добар натпревар и на уште подобро наше издание. И нормално, атакуваме на победа“ – вели тренерот на „пантерите“, Александар Петровиќ
Пред овој меч, Боро Смилковски и неговиот тим имаа шокантен дуел во БИБЛ лигата, го загубија со голем пресврт. Па извесно е дека „црно-белите“ ќе бараат брза рехабилитација уште на ова гостување.
„Нè очекува еден од можеби најбитните натпревари за нас во овој дел од сезоната, оној против екипата на ФМП. Играме неполни 48 часа после еден претежок, и емоционален и физички натпревар против екипата на Академик, кој за жал на крајот го загубивме. Меѓутоа мислам дека сме психички подготвени за нашите приоритети во оваа сезона, а тоа се натпреварите од домашното првенство. Со еден добар пристап и енергија мислам дека можеме да се надеваме на позитивен исход на истиот“- смета Смилковски.
18.00: ГОСТИВАР – ВАРДАР
По нешто повеќе од еден месец, кошаркарите на Гостивар се враќаат на теренот. И тоа против екипа која за кратко време „врза“ дури три натпревари, Вардар.
Големо олеснување и за играчкиот, но и за стручниот дел на прволигашот Гостивар.
„Ќе ја прекинеме, во прв ред онаа ‘нервоза’ која ја направи неиграњето на официјални натпревари“- вели Марјан Јанески. „Сме во некоја ситуација каде се случуваат и такви работи. Месец дена сме без натпревари, не знаеме во каква форма ги дочекуваме оние кои следуваат во наредниот период. Не знам и што може да очекуваме, освен дека со нетрпение го чекаме не само овој меч со Вардар, туку и оние кои следуваат. Се надевам дека сите ќе нè послужи здравјето, дека ќе има што помалку одложени натпревари. Дека ќе се вратиме во некој нормален ритам“.
По несреќниот пораз во минатото коло од Академија ФМП, тимот од „Кале“ го дочекува ова гостување во нешто подзасилен играчки ростер. „Вардарци“ го ангажираа некогашниот македонски репрезентативец Марко Дујковиќ, секако во обид да го „затворат рекетот“, но и да добија некоја напаѓачка опција плус во натпреварите кои следуваат.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 9. КОЛО
САБОТА:
17.00: Академија ФМП – ТФТ (МТВ3)
18.00: Гостивар – Вардар (стрим)
НЕДЕЛА:
13.30: Црн Дрим Грин мобиле – Пелистер (стрим)
17.00: Куманово 2009 – МЗТ Скопје Аеродром (стрим)
ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ
МЗТ Скопје Уни Банка – Работнички
Еуро Никел 2005 - Кожув