20.12.2020

Куманово 2009 - МЗТ Скопје Аеродром ОДЛОЖЕНА...

9. КОЛО ОД ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер бара продолжение на победничката серија во Струга

Неделната програма од 9. коло носи уште еден суперинтересен натпревар... Вториот предвиден да се одигра помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Куманово се одложува поради новопријавени случаи на COVID-19 позитивни играчи....

Стружани се одлучија да играат против Пелистер во еден ран термин, од 13.30 часот, што е навистина реткост за наши прилики.

13.30: ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ – ПЕЛИСТЕР

Во секој случај ова е натпревар, втор за стружани на домашен терен по пауза од скоро два месеци, а во кој нивниот противник, Пелистер, е фаворит. Барем според досега прикажаното на последните неколку натпревари.

Сепак, тренерот на Црн Дрим Грин Мобиле, Перо Чочороски потенцира еден друг момент, нималку пријатен.

„Во ова време кога скоро секој месец кошарката губи по едно врвно тренерско име, што за мак-баскетот е ненадоместливо, пред сè поради фактот што генерации на кошаркари и кошаркарки минале низ нивни раце, тешко е да се зборува за некаква најава за еден натпревар. Во овој момент е најважно сите да останат здрави, а резултатот нека биде во втор план. Пелистер е фаворит, но мислам дека ќе одиграме добар натпревар. После скоро два месеци ќе одиграме натпревар на домашен терен, и  тоа може да биде и мотив плус за сите да го дадат својот максимум против квалитетнито ривал од Битола“.

17.00: КУМАНОВО – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ОДЛОЖЕНА

Со сериозни проблеми се соочува екипата на Куманово во пресрет на дерби дуелот со МЗТ Скопје Аеродром. Како што потенцира тренерот Владимир Мирковски, многу веројатно е дека ќе недостасуваат некои играчи, јасно е дека и заморот на материјалот е се поприсутен во играта на „сино-белите“.

Но младиот стручњак додава дека предавање нема, и не смее да има...

„Ова е веќе наш четвртти натпревар за седум дена. Буквално играме секој втор ден. Уморни сме, имаме четири повредени кошаркари, но не се предаваме. Тоа го потврдивме и на последниот натпревар со Академик на кој успеавме да му го нанесеме првиот пораз во Балканската лига. Во моментов надвор од теренот се Зивчевиќ, Црниќ, Грант, Цветковски, додека пак Глигоријевиќ игра со скршен прст. Ќе чекаме одговор од лекарите околу тоа кој ќе може да игра против веројатно најдобрата екипа во лигата“- констатира Мирковски.

Проблеми, но од друга, мотивациска природа, има неговиот колега кој вечерва ќе биде на другата страна на теренот.

„Зад нас е еден кошмарен натпревар, 40.минути во кои немаше никакво залагање, ниту во одбраната, ниту во нападот. Таквиот однос е недозволив и се надевам дека нема да се повтори. За мене, искрено, оваа сезона е малку фрустрирачка. Ова е трет пат како буквално почнуваме од нула. Фрустрирачки е да влезеш во некоја посакувана форма и воиграност, а после месец дена да не одиграш ниту еднаш ‘5 на 5“ на тренинг. А нашата најголема сила била токму во тоа, во тој тренинг.

Меѓутоа, што е, тука е...

Нè очекува меч во кој очекувам да имаме стонастотно поразличен пристап од оној пред три дена. Куманово е екипа која можеби бележи најголем напредок во изминативе два месеци. И во нивната игра, а забележливо, расте и нивната форма. Се надевам дека успеав да им дадам до знаење на нашите играчи дека против секоја екипа во домашното  првенство мораме да даваме максимум за да победуваме. Од проста причина што секој е крајно мотивиран да игра против МЗТ Скопје, а истовремено е ослободен од притисок за победа“- дополнува предводникот на „металците“ пред ова нималку лесно гостување во Куманово. .

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 9. КОЛО

ДЕНЕСКА:

13.30: Црн Дрим Грин мобиле – Пелистер (стрим)

17.00: Куманово 2009 – МЗТ Скопје Аеродром ОДЛОЖЕНО

Академија ФМП – ТФТ    87:75

Гостивар – Вардар           91:53

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ

МЗТ Скопје Уни Банка – Работнички

Еуро Никел 2005 - Кожув