04.12.2021

Лидерот стигна до рекорден број на постигнати поени - 142!!!

9.КОЛО ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер без милост, против Ангели, Работнички со пресврт до два бода против Кожув

Без многу прекини, за само еден час и 20 минути (мечот меѓу МЗТ Скопје УБ и Еуро Никел почна во истото време, а заврши 15 минути подоцна), заедно со паузата на полувреме, Пелистер го собори рекордот за оваа сезона по постигнати поени на еден тим, совладувајќи го „фенерџијата“ во друштвото на најдобрите.

АНГЕЛИ – ПЕЛИСТЕР       88:142

Соборен е и рекордот по вкупниот индекс на екипата бидејќи битолачни стигнаа до 205 иако играа без Ѓуроски, Младеновски и Трајковски. За волја на вистината, Ангели беа во поголеми проблеми затоа што недостасуваа дури четворица стандардни кошаркари.

нгели пружија каков-таков отпор во првата четвртина, имаа (26:30) на 85 секунди пред крајот на тој период, но по серијата од 10-0 на стартот од вториот квартал, Пелистер отиде на 54-35 и потоа го само го зголемуваше водството, до крајните +54.

Малешевиќ беше прво име во Пелистер, постигна 33 поени, 9 скока и 5 асистенции, за одбележување се 16. асистенции на Младеновиќ и беспрекорниот шут од поле (10/10) на Кесар кој заврши со 25 поени, 10 скока и индекс 39. Ка Ангели се истакнаа двајца кошаркари: Васар постигна 30 поени, а Деолски 29. Не помогнаа ни 15. тројки што ги постигнаа домаќините.

Екипата на Работнички стигна до петтата победа на домашен по драматичниот пресврт против Кожув

РАБОТНИЧКИ – КОЖУВ  100:85

Победата добива на значење поради тоа што најтрофејниот македонски тим беше во длабока негатива во текот на втората и почетокот на третата четвртина.

Кожув не само што го диктираше темпото, туку по две минути игра во второто полувреме имаше највисоки +16 (59:43).

Оттогаш почна пресвртот на Работнички. Во следните шест минути, домашната екипа направи серија од (22-6) за израмнување (65:65), а на крајот од третиот квартал имаше водство од (73:71). Кожув се држеше уште неколку минути во последната четвртина, до 76-76 кога домаќините постигнаа седум поени во низа, за на четири минути пред крајот на мечот Работнички да направи и двоцифрена предност (89:78), а до крајот само уште ја зголеми високата разлика.

Од моментот на највисокото водство на Кожув до крајот на мечот, Работнички направи 57-26.

Двајца кошаркари беа клучни за победата на Работнички. Џексон Пол постигна 41 поен, а Мустафица додаде 27 поени и 11 скока за индес 42. Кожув го одржуваа во живот тројца играчи: Вилијамс со 22 поена и 11 асистенции, Симоновски со 20 поени од кои пет тројки и Николовски со 19 поени и 13 скока.

Актуелниот вицешампион, Еуро Никел 2005, ја оствари третата победа во низа, по лошиот старт на сезоната во кој се најде во долниот дел на табелата.

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – ЕУРО НИКЕЛ 2005        66:81

Според очекувањата, Еуро Никел славеше на гостувањето кај МЗТ Скопје УНИ Банка во меч кој беше решен веќе по првото полувреме, односно благодарение на втората четвртина.

Пресудна беше серијата од (12-0) пред крајот на првиот и почетокот на вториот квартал по која кавадарчани поведоа со (27:15) за на полувреме да биде (47:26) во корист на гостинската екипа.

На четири минути пред крајот на третата четвртина, Еуро Никел ги достигна највисоките +28 (62-34), а МЗТ Скопје Уни Банка до крајот успеа барем делумно да го ублажи поразот.

За одбележување од овој натпревар е дебито на двајцата турски интернационалци во редовите на МЗТ Скопје Уни Банка, 17-годишните Јигитоглу и Доган.

Сепак, најдобар играч беше Рансом кој постигна 20 поени. Кај Еуро Никел 2005, по 16.поени постигнаа Соколов и Ѓекиќ.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 9. КОЛО

МЗТ Скопје Уни Банка – Еуро Никел 2005  66:81

Работнички – Кожув        100:85

Ангели – Пелистер           88:142

НЕДЕЛА:

17.00: ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром (МРТ)

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

https://youtu.be/E-o3fqKy6Q0

18.00: Куманово 2009 – Феникс 2010

Сала „Перо Наков“ – Куманово

https://youtu.be/MFyq5PK8ZeM

19.00: Гостивар – Навико Академија ФМП

Сала „Младост“ – Гостивар

https://youtu.be/23kgm-ItTeA