10.10.2023

Неверојатно прво полувреме имаа загрепчани во кое направија огромна предност, доволно за победа против нашиот првак (92:79)

АБА 2 ЛИГА: Цедевита Јуниор воопшто не делува како дебитант, лесно го турна искусниот МЗТ Скопје

Првиот натпревар при „враќањето “ во АБА 2 лигата беше далеку од добар и позитивен за македонскиот шампион.

МЗТ Скопје Аеродром „се сопна“ уште на стартот на турнирот во Суботица. Подобра од нив беше екипата која за првпат игра во ова натпреварување – Цедевита Јуниор.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЦЕДЕВИТА ЈУНИОР      79:92

Одлично, пред се, шутираа противничките играчи во првите десет минути. Погодија пет тројки од шест обиди, и воопшто не е чудно што на крајот дојдоа до бројката од 30.поени.

МЗТ Скопје Аеродром имаше шест помалку, за солидно водство на екипата од Загреб. Странскиот „трилинг“ Ворку-Расел-Баковиќ искомбинира 20, од оние 24. поени за нашиот првак (другите четири беа дело на Војдан Стојановски).

За разлика од веројатно најискусниот тим во оваа конкуренција, дебитантот во АБА 2 лигата продолжи во ист, шутерски ритам и во втората четвртина, налик на првата, Цедевита Јуниор реализираше дури 29, или вкупно 59 до полувремето.

Минути од играта во која младиот состав, предводен од Дамир Мулаомеровиќ „побегна“ и на позитива од 22.поени. Во 18.минута, Цедевита Јуниор имаше највисоки (57:35).

И само благодарение на присебноста на В. Стојановски, „металците“, кои во меѓувреме останаа без помошта на Баковиќ, не навлегоа во уште повисок минус.

Имаа „само“(43:59) по 20.минути...

Дел од играта во која Цедевита Јуниор делуваше како сериозен, а не тим кој го игра првиот меч во ова регионално натпреварување.

МЗТ Скопје Аеродром пак делуваше неповрзано, без вистински идеи во нападот, премногу индивидуални акции, во кои, макар и на моменти, добија реализација токму од Војдан Стојановкски (11.поени) и Ворку (10).  

Се обидуваа „сино-белите“ во продолжението да симнат дел од високата негатива. Но се што успеаја, во третиот период, е да имаат минус од 13.поени. В. Стојановски продолжи со својата стандардно добра игра во нападот, доби помош, макар и делумна од Робев, потоа и Танасковиќ.

По три четвртини, Цедевита Јуниор водеше против МЗТ Скопје Аеродром со (77:64).

Ништо не се промени ни во последниот дел од играта. Едноставно, аероромци немаа сили да се обидат и направат нешто повеќе од она што се обидуваа во претходните три, и мораа да се помират со првиот пораз во новото издание на АБА 2 лигата.   

Утрешната програма на турнирот во Суботица, носи и два натпревари во кои ќе играат и другите два македонски претставници.

Од 15.часот, во спортскиот комплекс „Дудова шума“, Пелистер ќе игра против словенечкиот ГТД Шенчур. Три часа подоцна (18.00), ТФТ Моцарт го чека дуелот со екипата на Широки.

АБА 2 ЛИГА - ПРВ ТУРНИР - СУБОТИЦА

(РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ)

11.ОКТОМВРИ

15.00: ГГД Шенчур - Пелистер

18.00: Широки – ТФТ Моцарт

13. ОКТОМВРИ

15.00: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром