И онака „тенката“ ротација за овој „балон“ која ја имаше на располагање тренерот на ТФТ, Боро Смилковски, остана уште „потенка“ за овој меч. Не толку важен резултатски, особено за екипата од Скопје.
ТФТ MOZZART – БОРАЦ 75:91
Сепак, евидентно беше од самиот почеток дека „црно-белите“ ќе имаат тешка задача протоив младиот и полетен тим за кој оваа сезона настапува нашиот репрезентативец, Теодор Симиќ.
По само нешто повеќе од шест минути, екипата од Бања Лука направи предност од десет поени (15:15). Нешто потоа имаше Борац и повисоки (17:6), па највисоки (23:11), за првиот период да заврши со прифатливи за ТФТ, (19:25), а младиот Ташовски со девет поени одлично ги искористи моментите во улогата на стартер на првата бековска позиција.
Некаде на средината од втората четвртина, ТФТ се доближи уште повеќе, намали на (32:38). Во голема мерка и поради двете тројки кои дојдоа од ветеранот Едис Нури. Уште две дојдоа и од еден од најмладите, Зафиров, што беше најава дека и покрај персоналните проблеми (не играа Мекбраер и Андерсон) екипата од Тафталиџе е подготвена да се врати назад во натпреварот.
По тројката која дојде од Ташовски, ТФТ имаше – 6 (35:41). Но во оние нешто повеќе од три минути, Борац направи нова серија, сега од (10-3), за повторно високи (51:38) за тимот од Република Српска.
Скоро идентично се одвиваа настаните и во второто полувреме. Борац ќе направеше предност од 17-18 поени, ТФТ ќе симнеше дел од истата, но не и да биде едноцифрена, или пак достижна. Сепак, очигледно беше дека тешко се игра со седум играчи и ротација во која го „снема“ дури и репрезентативецот Страхил Николов, кој одигра само нешто повеќе од пет минути на овој натпревар.
Ташовски продолжи да игра скоро без грешка. Стигна потенцијалниот репрезентативец и до 20 реализации. Добар процент за три поени имаше ТФТ во трите одиграни четвртини (12/22). Но не и она најважното, го немаше резултатот.
По забивањето на Батрик, во 29. минута ТФТ одново намали на едноцифрен минус (58:66). Но третиот дел заврши со (68:58) за Борац, разлика која се покажа и како недостижна за „црно-белите“' од Тафталиџе, која е на скор (3-9).
А Теодор Симиќ одигра нешто повеќе од девет минути и реализираше четири поени (1/2 за два и 2/3 за еден поен) за победничката екипа која по ова 12 коло има ефект (8-4) и скоро сигурен пласман на завршниот турнир во Домжале.
Токму на разделбата со оваа сезона, за нив прва во ова регионално натпреварување, во сабота (12.часот), кошаркарите на ТФТ ќе играат против домаќинот на тој собир, и лидер во оваа конкуренција – Хелиос.