20.12.2023

Уште едно слабо издание на Пелистер на турнирот во Широки, пораз од младиот тим од Загреб (74:78)

АБА 2 ЛИГА: „Горка“ Цедевита и за битолчани

По МЗТ Скопје Аеродром, и екипата на Пелистер загуби од јуниорскиот состав на Цедевита кој е дел до втората АБА лига во оваа сезона.

ЦЕДЕВИТА ЈУНИОР – ПЕЛИСТЕР             78:74

Иако со скратена ротација, уште еднаш битолчани делуваа доста немоќно во дуелите со далеку понеискусната екипа од Загреб. Имаа предност само до осмата минута од играта, за последен пат беше (16:15).

Сето останато беше на страната на тимот кој го предводи Дамир Мулаомеровиќ.

Едноставно со мал фонд на играчи и за оваа средба, „пелистерци“ не успеваа(т) да ја пронајдат нивната препознатлива игра во која главен акцент е ставен на ефикасноста.

Беа далеку од добри на вечерашниот меч кој ќе сакаат што поскоро да го заборават.

Особено оние делови во втората и во третата четвртина во кои противникот обезбеди големи (63:48).На почетокот на последната, со серија од шест поени, „зелено-белите“ ја сведоа негативата на едноцифрена (54:63). Испратија сигнал дека можат да направат нешто повеќе. По новата серија, исто така од шест поени, Пелистер беше на само „два поседи негатива“ (60:65). Но и сосема доволно време за комплетен „камбек“.

За нецели четири минути, парцијално направија (12-2)...   

По поентирањето на Бернард, Пелистер уште еднаш дојде на минус 5, (69:74) и на две и пол минути пред крајот на натпреварот.

Но не и нешто „преку тоа“. Се обидуваа на „полесниот начин“ со обиди од далечина да ја стигнат предноста на загрепчани, но без успех. Противникот најде одговор, поточно се одбрани од тој последен атак на битолчани, за трет успех во седум одиграни кола.

Интересно, две од досегашните три победи на Цедевита Јуниор се против македонски претставници. Уште во првото коло го изненадија МЗТ Скопје Аеродром, додека пак на турнирот на Златибор, ТФТ Моцарт успеа да ги совлада.

Планиниќ дојде до двоен ефект откако реализираше 20.поени и 10.скока. Двоцифрени бројки кај поените – 11, и во категоријата асистенции - 10, имаше Бернард (вклучително и пет скока), а блиску до дабл-дабл скор беше и Маслинко, кој уфрли 12.поени, дополнети со осум скока. Десет поени дојдоа од Костоски, осум од Магдевски, но недоволно за оној последен чекор наречен пресврт, или нешто повеќе-победа!

Екипата од Битола останува на две победи во досегашните три одиграни турнири. Утре вечер, во исто време, екипата на ТФТ Моцарт ќе игра против бањалучки Борац, додека пак МЗТ Скопје ќе го затвори овој „балон“ во Широки, со натпреварот против екипата на Спартак од Суботица, кој е закажан за петок, од 18.часот.