11.10.2023

Со двете тројки во екстра периодот, искусниот бек му донесе триумф на својот тим против Шенчур (82:78)

АБА 2 ЛИГА: Костоски е „меч-винер“ на Пелистер!

Кога треба, кога е тешко, тука е Александар Костоски. Поранешниот репрезентативен бек, многу брзо покажа дека ќе биде големо засилување за битолски Пелистер во оваа сезона.

Во продожението од првиот меч на битолчани во новата сезона на АБА 2 конкуренцијата, со двете тројки во серија му „пресуди“ на словенечки Шенчур

ГГД ШЕНЧУР – ПЕЛИСТЕР          78:82

„Пелистерци“ беа подобар противникот во најголем дел од натпреварот. И требаше порано да ја приведат кон крај премиерниот меч во АБА 2 лигата од новата натпреварувачка кампања.

Му дадоа и преголeм број на шанси на ривалот од Словенија. Дозволија, односно загубија и двоцифрено водство во последната четвртина.

Имаа напад за победа во регуларниот дел, но заврши нерешено 69:69!

Мораше да игрaат дополнителни пет минути. И тука „бело-зелените“ не одиграа баш идеално...

Но, Пелистер го имаше Александар Костоски. Му веруваа соиграчите, му веруваше тренерот Дарко Радуловиќ, дека ќе погоди кога за тоа ќе биде потребно.

И го направи тоа искусниот бек, не еднаш, туку два пати, во серија. Го „прекрши“ мечот со својата втора по ред тројка, вкупно четвртта за него, доволно за недостижни (82:78), и прв успех за македонскиот претставник во првата рунда.

Јасно, не можеше Костоски се сам во обидите Пелистер да биде подобар од жилавиот противник кој не се откажа од победата и кога беше во големо заостанување.

Пелистер го имаше и Андреј Маслинко, кој заври со 22. поени, но и седум скока. Го имаше и Малком Бернард, кој постигна 21, а додаде и осум скока и пет успешни додавања.

Да, Костоски застана на бројот 12, сите од зад линијата од 6.75 метри, на крајот пресудни за првиот успех на Пелистер во регионалното натпреварување. Никако не се за потценување и оние четири скока и четири асистенции за оние скоро 40 минути кои ги помина сега веќе и 35.годишниот кошаркар.

Веќе од 18.00, во салата „Дудова шума“ во Суботица, стартува второто коло. А ТФТ Моцарт го игра својот втор меч на турнирот. Ги чека дуелот со екипата на Широки.

 

АБА 2 ЛИГА - ПРВ ТУРНИР - СУБОТИЦА

(РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ)

11.ОКТОМВРИ

18.00: Широки – ТФТ Моцарт

13. ОКТОМВРИ

15.00: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром