19.03.2024

Аеродромци беа сигурни против ТФТ Моцарт (95:69), за осма победа и обезбедено место во најдобрите „осум“ кои се дел од доигрувањето

АБА 2 ЛИГА: „Македонското дерби“ за МЗТ Скопје, „аеродромците“ се веќе во плеј-офот

На вториот ден од турнирот во Широки, на програмата дојде и „македонското дерби“, односно дуелот помеѓу екипите на ТФТ Моцарт и на МЗТ Скопје.

Две екипи кои влегоа со свои амбиции, „металците“ да останат на горните позиции на табелата, ТФТ пак да дојде до бројка поголема од две победи во оваа сезона од ова регионално натпреварување.

Победата е за фаворитот, МЗТ Скопје ја оправда таа улога и на теренот, стигна до убедлив триумф, за „сино-белите“ од Аеродром, осми во оваа сезона, кој на две кола пред крајот на регуларниот дел, им носи потврда на учество во плеј-офот. 

Во наредните две (последни) кола ќе го детерминираат местото од кое ќе влезат во доигрувањето за место кое води во АБА лигата, 

ТФТ МОЦАРТ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     69:95

Одлична воведна четвртина реализираа кошаркарите на МЗТ Скопје. Од самиот почеток на македонското дерби во Широки, презентираа мошне ефикасна игра. Ја крунисаа со реализација на 28. поени, имаа дури 13. повеќе од ривалот од Тафталиџе.

Во вториот период ТФТ постави зонска одбрана, и тоа им донесе резултат. За доста кратко време „црно-белите“ ја сведоа високата негатива на само шест поени (27:33).

Продолжија со истата одбрана, но Д. Стојановски и Баковиќ успеаја да ја пробијат, и со серијата од осум поени, да ја вратат високата предност на „сино-белата страна.

На средина од втората четвртина МЗТ Скопје одново се одвои, сега на (41:27). Слично беше и три минути подоцна, екипата од Аеродром стигна и до 50. поени, и имаше 14 повеќе од ТФТ.

На одмор, фаворитот однесе еден поен помалку од тој „вишок“ (52:39). Го предводеше Баковиќ, со 11 поени, по девет имаа В. Стојановски и Делалиќ , додека пак на спротивната страна, Ташовски уфрли десет.

МЗТ Скопје имаше контрола над играта и над резултатот и во второто полувреме. По поентирањето на нивниот најефикасен играч, Баковиќ (16.поени) во 26.минута, македонскиот шампион водеше со (67:48). А на истекот на третиот дел од играта, имаше и плус 20 (74:54).

Одличниот колективен настап на „металците“ се гледа и во распределбата на поените. Во тимот на тренерот Васко Атанасов, кој сега има скор (8-3), имаше петмина играчи со десет или повеќе поени. 

Баковиќ застана на 22. реализации (и осум скока), Делалиќ имаше 18, Танасковиќ 13, Војдан Стојановски  дојде до 11 (плус шест скока и пет асистенции, а 10 даде Гилон. 

Во редовите на ТФТ Моцарт, Верц постигна 14.поени, Ташовски дојде до 13. а Крстевски уште 12.поени (4/8 во шутот за три поени). 

По еден ден одмор, на 21. март (четврток), продолжуваат натпреварите за нашите претставници. Од 18.часот, кошаркарите на Пелистер (ефект 5-6) ќе играат против екипата на Подгорица, која по 11 одиграни кола го дели 4.место на табелата со ефект од седум победи и четири порази.