07.02.2022

Самите се виновни за тоа, имаа „добитна комбинација“, но тимот од Никшиќ не се предаде, и победи со минимални (56:55)

АБА 2 ЛИГА: „Металците“ не ја поминаа Сутјеска

Во натпревар со мал број на реализирани поени, Сутјеска го изненади МЗТ Скопје Аеродром, и го одалечи од првото место на табелата во јадранското натпреварување

СУТЈЕСКА – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 56:55

По три и пол минути во втората четвртина, екипата од Никшиќ се стекна со најубедливата предност. По серијата (9-2), поведе Сутјеска со (28:20), што беше вистински пресврт, ако се земе в предвид дека по првите три и пол минути од почетокот, МЗТ Скопје Аеродром поведе со (8:1).

Нашиот тим успеа да се доближи до (26:30), но немаше постојаност во играта на „сино-белите“, барем не во првото полувреме од мечот во Бања Лука. Не направија ништо повеќе од тоа до истекот на првото полувреме. Противникот ја задржа таа предност, и на одмор замина со плус од шест поени (33:27). А само девет поени постигна нашиот претставник во тој, за нив, лош втор период од играта.

Не блескаа кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродом во нападот и во второто полувреме. Но беа поагресивни, поцврсти во одбраната. Не дозволуваа „лесни поени“ за противникот. Во тој трет дел од играта, избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ успеаја да ја анулираат предноста на противникот. Израмнија на (41:41), па во последниот период влегоа со егал-шанси за успех против жилавиот црногорски претставник.

Некако најтешко се постигнуваа поени токму во тој решавачки дел од натпреварот. По три и пол минути игра, одново беше нерешено (45:45). Моментумот на добра игра го донесе нашиот шампион во скоро „добитна комбинација“.

Имаа плус од шест поени (53:47), но за жал, не успеаја да го сочуваат. Во трагичар се претвори Мекиќ, кој при резултат (55:54) на 18. Секунди пред крајот, не ги реализираше двете слободни фрлања. Веќе во следнито напад тоа го казни Војновиќ, за победничко водство на Сутјеска (56:55).

Обидот на Рикиќ за победа пред последниот звук на сирената, беше неуспешен.

Па по осум одиграни кола во регионалното натпреварување, МЗТ Скопје Аеродром сега е на скор од шест победи и два порази, кој го одалечува од првата позиција на која е домаќинот на овој турнир – Борац.

Утре навечер, од 21.часот, вториот наш претставник на турнирот во Бања Лука, екипата на Шелистер, го игра својот втор натпревар. А за противник лидерот во македонскиот шампиона ќе ја има екипата на Рогашка.