30.01.2024

Кога не оди, тука е Расел, на нецели шест секунди пред крајот, погоди тројка за победа на МЗТ Скопје против словенечкиот Шенчур (75:73)

АБА 2 ЛИГА: „Металците“ за малку ќе „прокоцкаа“ позитива од 16. поени, но стигнаа до победата

На својот прв меч на турнирот во Нови Сад, македонскиот шампион за противник го имаше словенечкиот прволигаш Шенчур. Имаше  тимот од Аеродром и плус од 16.поени. Но за малку и тоа немаше да биде доволно за конечен успех. Ситуациата ја спаси, со тројка, Расел, кој на нецели шест секунди пред крајот, погоди, и го донесе посакуваниот триумф. 

ШЕНЧУР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ  73:75

Македонскиот шампион ја имаше контролата над играта, и што е поважно, над резултатот во првите 20.минути. Практично, го имаа водството „сино-белите“ од првата минута. На почетокот имаа (10:3), а истекот на првиот период беа во позитива од четири поени (17:13). Во првиот дел од втората, таа предност ја удвоија. По положувањето на Расел, поведоа со (24:16) во средишниот дел од играта.

Три минути подоцна имаа слични (33:27), но дозволија словенечкиот состав да направи мини-серија од (5-0) по која стигна и на чекор до изразмнување, (32:33). Но В. Стојановски и новакот во составот на МЗТ Скопје, Делалиќ направија мини-рибрејк, и го оставија својот тим во водство (38:34).  

Седуммина кошаркари во нашиот тим влегоа во официјалниот записник во првото полувреме. По седум поени имаа Баковиќ, Танасковиќ и Расел, а по еден помалку В. Стојановски и новото име во ростерот, Делалиќ.

Уште подобро го отворија „металците“ второто полувреме. Преку Танасковиќ и В. Стојановски, кои први ја „пробија“ двоцифрената поентерска бариера, направија серија од (17-5) и за кратко време, неполни пет минути, стигнаа до своето највисоко водство (55:39).

Но како брзо да се опуштија играчите на тренерот Васко Атанасов. А Шенчур веднаш врати со своја серија од седум поени по ред, за водството на нашиот претставник во 28.минута да биде едноцифрено, (55:46). Серијата ја прекина Баковиќ, за тимот од Аеродром да ја врати двоцифрената позитива (58:48).

Почетокот на последната четвртина кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја дочекаа со уште повисока предност (63:51). Но и со уште двајца „двоцифрени“ во своите редови, Расел (14.поени) и Баковиќ (12).  

Но цели десет минути беа пред двете екипи. А нашата ги одигра очајно. Му дозволија на словенечкиот претставник дури и да поведат Во финалата минута, Шенчур имаше (73:72). По „мртвата топка“ која ја освои Баковиќ, Расел го имаше потегот на вечерта. На нецели шест секунди ја погоди тројката за водство (75:73) и победа. Во она кратко време кое остана заигра, Мурич згреши во водењето на топката и го поттурна МЗТ Скопје кон првиот успех на собирот во Нови Сад.

По осум одиграни кола, македонскиот шампион има скор од пет победи и три порази, доволно за делба на позицијата број 5 (заедно со екипата на Подгорица).  

Во среда, од 15. часот, нашиот трет претставник во ова натпреварување, Пелистер, за противник ја има екипата на Шибенка. Три часа подоцна (18.00), екипата на ТФТ Моцарт ќе игра против Спартак од Суботица.