12.04.2022

Македонскиот шампион на домашен терен ќе се обиде да стигне до елитната јадранска конкуренција...

АБА 2 ЛИГА: МЗТ Скопје Аеродром домаќин на „финалните 8“

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе ја брани честа на македонската клупска кошарка на претстојниот завршен турнир од АБА 2 лигата кој ќе се одржи во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.

Во улога на домаќини на „Финалните 8“, аеродромци ќе се обидат да бидат најдобри, и по трите одиграни елиминациски натпревари да стигнат до елитното издание од Лигата на Јадранот за сезоната 2022/2023

На денешната прес-конференција пред турнирот кој ќе се одржи од утре до недела во СЦ „Јане Сандански“, извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром, Филип Ѓоревски ги повика навивачите да ја исполнат салата и да дадат поддршка на македонскиот првак.

„Сакам да ги поканам гледачите, во наредните четири дена да биде празник за кошарката. Со малку среќа, се надевам МЗТ Скопје ќе биде победник и сите ќе го прославиме враќањето на клубот во елитната АБА лига. Здравствениот билтен е одличен, сите се подготвени и свесни за тежината на завршниот турнир. МЗТ Скопје е таков клуб и секогаш цели кон врвот, но одиме чекор по чекор. Прво сме насочени кон Сутјеска, па при победа би оделе на еден босански претставник. Сметам дека можеме да придонесеме кошарката во Македонија да оди чекор погоре“ - најави Ѓоревски.

За разлика од минатата сезона, овој турнир во Скопје ќе се игра според системот на елиминација. Победниците на четвртфиналните натпревари обезбедуваат директен пласман во полуфиналето, кое исто така е елиминаторно.

Во недела, од 19.часот, на распоредот е големото финале во кое победникот обезбедува место во АБА лигата, додека финалистот ќе ја побара втората шанса преку квалификациите, односно серијата против 13. пласираната екипа од АБА лигата.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА „ФИНАЛНИТЕ ОСУМ“ - СКОПЈЕ

ЧЕТВРТФИНАЛЕ - 13. АПРИЛ (СРЕДА)

12.00: Борац Бања Лука – Младост Земун

15.00: Хелиос – Златибор

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Сутјеска

21.00: Широки – Спарс

ПОЛУФИНАЛЕ – 15. АПРИЛ (ПЕТОК)

18.00: Борац Бања Лука/Младост Земун – Хелиос/Златибор (1)

21.00: МЗТ Скопје Аеродром/Сутјеска – Широки/Спарс (2)

ФИНАЛЕ – 17.АПРИЛ (НЕДЕЛА)

19.00: Победник 1 – Победник 2