25.03.2021

Во доста изедначен натпревар, „аеродромци“ ја совладаа Горица (77:73) и обезбедија доигрување за влез во елитната јадранска дивизија

АБА 2 ЛИГА: МЗТ Скопје Аеродром е во плеј-офот!

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе игра во плеј-офот на АБА 2 лигата. Македонскиот претставник го доби дуелот, еден од оние кои мораше да се добијат, против хрватската Горица. И со скор од седум победи и пет порази, на коло пред крајот на регуларниот дел, обезбеди една од првите осум позиции кои водат во доигрувањето за места преку кои се влегува во првата лига на Јадранот. 

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ГОРИЦА   77:73

Ефикасна прва четвртина имаше нашиот претставник. Реализираа 29.поени во уводните десет минути во кои се стекнаа со сосема солидно водство од осум поени (29:21).

Добра работа за „сино-белите“ беше податокот дека сите играчи (седум) кои беа во игра, се запишаа во листата на стрелците.

Горица ги постигна првите шест поени во вториот период, за намалување на водството (27:29). Но тој напад со четири поени го сопреа Карачиќ и Тарнер, за (33:27). Тоа беа и првите поени за тимот од Аеродром во пет минути игра од втората четвртина.

Но Тарнер реши да го поправи тоа, и ја врати предноста која „аеродромци“ ја имаа на истекот на првата четвртина, (36:28).

Тешко ја стекна,а многу лесно ја загубија таа значајна позитива. Хрватскиот тим направи серија од (8-0) со која го израмни резултатот (36:36). Но до истекоот на полувремето МЗТ Скопје аеродорм сепак имаше вишок од четири поени (40:36).

Доста изедначено протекна третиот период од играта. Минути во кои ниту еден од ривалите кои се борат за место во плеј-офот, не направи некоја сериозна предност.

Горица имаше четири поени вишок (50:46), на 3:25 минути до крајот на третата четвртина. Период во кој нашата екипа со мини серија (7-1), одново го превзема водството, (53:51).

А по тројката на капитенот Стојановски, во првиот напад од последната четвртина, разликата беше уште повисока (56:51). Но уште еднаш, избраниците на Дарко Радуловиќ не ја сочуваа. Во 36.минута противникот беше за „половина поен“ пред нив (61:60).

И тоа беше со „краток рок на траење“ затоа што следуваше серија од (8-2) за „сино-белите“ да побегнат на (68:63). Тројката на Крстевски, на 43.секунди пред крајот, за (71:66) се покажа како еден од пресудните моменти, заедно со реализацијата на слободните фрлања на Николов и  на Мекиќ во финалните секунди.

Ова беше 12. натпревар за МЗТ Скопје Аеродром во АБА 2 лигата, по кој се на ефект од 7. победи и 5.порази. Последниот од регуларниот дел од регионалното натпреваруавње, екипата од Аердорм ќе го игра на 28. Март (недела) од 13. часот, а противник им е екипата на Златибор.

Вечерва, од 21.часот, вториот македонски претставник во оваа јадранска конкуренција, екипата на Работнички игра против словенечкиот Хелиос.