28.03.2021

Во последниот натпревар од „балонот“ на Златибор, МЗТ Скопје Аеродром подобар од домаќинот (90:71)

АБА 2 ЛИГА: МЗТ Скопје Аеродром „недомаќински“ со Златибор

Со победа, и тоа убедлива, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се враќаат дома во Скопје. Против домашниот Златибор, за комплетирање на ефект од осум победи и пет порази, доволен за „металците“ да бидат дел од плеј-офот во регионалното натпреварување.

ЗЛАТИБОР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ          71:90

Во 7.минута Златибор веќе поведе и со двоцифрени (20:10) делумен „производ“ на неспортската грешка на Николов. Во наредните три, домаќинот ја зголеми. На крајот на првата четвртина имаше предност од (25:14), а двајца кошаркари, Кутлешиќ и Митровиќ дадоа 20, од тие 25 поени за Златибор.

Имаше домашната екипа и (30:14) на почетокот на втората четртина. Но МЗТ Скопје Аеродром се врати, со серија од (15-0) иницирана од Крстевски (11.поени во првите 14.минути), дојде до (29:30) во 15.минута.

А на 2:28 минути пред полувремето, по тројката на Николов, „аеродромци“ преминаа во водство (37:36). По неговата втора тројка, МЗТ Скопје имаше и плус 4 (42:38), и минимална предност на половина од мечот (42:40).

По две минути од продолжението, „аеродромци“ имаа (49:42). Но брзо ја загубија „сино-белите“ таа сосема солидна позитива. Екипата-домаќин на овој турнир успеа да го сврти резултатот, да поведе со минимални (50:49).

Но МЗТ Скопје Аеродром на овој натпревар го „доби“ Николов, кој продолжи (со тројки) да го полни противничкито кош. Па ако во првиот дел Крстевски беше иницијатор на една, во вториот, Николов ја отвори серијата од (11-0) по која нашиот тим, во 32.минута, поведе со највисоки (75:60).  

Иако требаше да се доиграат уште цели осум и пол минути, повеќе од долг период кога станува збор за кошарка, МЗТ Скопје Аеродром не само што ги одбрани, туку стигна до уште поубедливи и недостижни, (86:67), на нецели три минути до крајот на престојот на Златибор.

Екипата од Аеродром го заврши со ефект од две победи и еден пораз, за вкупен ефект од 8.победи и 5. порази во регуларниот дел од АБА 2 лига.

За кое место ќе биде доволен, ќе биде познато по одигрувањето на двата последни меча од „балонот“ на Златибор.

Едниот за неколку часа (од 17.часот), кога нашиот втор претставник, Работнички ќе ги одмери силите со екипата на Слобода Ужице, а турнирот ќе биде затворен со дуелот Студентски центар-Подгорица (стартува од 21.часот).