Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром со безболен пораз го заврши последниот турнир од основниот дел во АБА 2 откако попладнево загуби од Златибор.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЗЛАТИБОР 84:88
МЗТ Скопје Скопје и пред овој меч го обезбеди првото место пред завршницата од регионалното натпреварување, па можеби тоа и беше причината што почна бавно и рано влезе во голема негатива.
Тренерот Александар Петровиќ ги одмори Војдан Стојановски и Бојан Крстевски, па и скратената ротација си го направи своето. Српскиот претставник ја имаше контролата над резултатот речиси сите 40 минути, но натпреварот беше решен во последната минута.
За доминацијата на Златибор најдобро зборува тоа што во втората четвртина, неговата предност изнесуваше и 20 разлика (36:16), а и кога МЗТ ќе се доближеше, следуваше серија за ново резултатско одлепување. Така беше до 78 секунди пред крајот кога Дамјан Стојановски израмни на 82-82, а испушти можност да го донесе МЗТ Скопје Аеродром во водство бидејќи не го погоди второто слободно фрлање.
По еден промашен напад, клучниот момент се случи на 24 секунди пред крајот кога Милошевиќ го фаулираше Николиќ, но судиите проценија дека е тоа неспортски прекршок Противничкиот центар беше два пати прецизен, подоцна два пати погоди и Протиќ, и Златибор отиде на недостижн 86-82.
Некрунисана остана одличната партија на Адем Мекиќ кој постигна дабл-дабл од 19 поени и 11 скока, за 28. минути на теренот. Дабл-дабл оствари и Хуан Дејвис со 15 поени и 10 скока.
Противникот во четвртфиналето, аеродромци ќе го дознаат по последниот натпревар на турнирот, кој се игра од 18 часот.