22.04.2021

Во вториот четвртфинален натпревар од „балонот“ во Подгорица, МЗТ Скопје Аеродром победи со недоволни (92:86) против Младост Земун

AБА 2 ЛИГА: МЗТ Скопје Аеродром „застана“ во четвртфиналето, пропушти уште една шанса за место во елитата на Јадранот

МЗТ Скопје Аеродром нема да игра во полуфиналето од завршниот тунир во АБА 2 лигата кој деновиве се одржува во Подгорица. „Металците“ го совладаа Младост од Земун, но тоа не беше доволно да се надополни негативата од 20.поени која ја „пренесоа“ на денешниот.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – МЛАДОСТ ЗЕМУН        92:86

Уште во првиот период „металците“ влегоа во двоцифрена негатива. Примија дури 31 поен, за десет минути од играта. Но сето тоа го надополнија во првиот дел од вториот период.

Со серијата од (17-5), „аеродромци“ дури и го превземаа водството, макар и од „половина поен“ (37:36), и се вратија назад во мечот на одлука за пласман во полуфиналето на регионалното натпреварување.

Две минути подоцна, преку поентерски расположениот Гравет (реализираше 17.поени), МЗТ Скопје Аеродром имаше и позитива од четири поени (44:40).

А по двете реализирани слободни фрлања на Карачиќ, на семафорот во „Морача“ стоеше резултат (46:43) во корист на нашиот претставник во „балонот“.

Високите играчи, Крстевски, Олуџоби и Карачиќ дополнија со 20.поени во тој прв дел од играта. Но недостасуваа поените од другите во онаа предна линија, како Стојановски, Николов, Магдевски и Тарнер (заедно само четири поени).

Карачиќ и Олуџоби (двајцата ја надминаа бројката од најмалку десет поени) го одржуваа тоа водство во продолжението на средбата. До 27.минута, кога Младост стигна до нерешени (61:61). Но на истекот на третата четвртина, „сино-белите“ од Скопје имаа плус 2 (69:67).

Во последната, нашата екипа со сите сили се обидуваше таа разлика да биде и поголема. Но без краен ефект, освен пировата победа за збогум на оваа турбулентна сезона во АБА 2 конкуренцијата.

Четири кошаркари на МЗТ Скопје Аеродром завршија со двоцифрен број во колоната поени. Најмногу, 21 дадоа Гравет (само четири во вториот дел) и  Карачиќ, Олуџоби даде 17, а Крстевски уште 12.поени.

По одигрувањето на двата натпревари, екипата на Младост оди понатаму, во полуфиналето. Екипата од Земун има подобар вкупен кош-количник во двата одиграни натпревари.

На оној првиот, српскиот тим славеше со резултат (95:75), што и пресуди во оваа четвртфинална серија.