Македонскиот претставник, МЗТ Скопје не успеа да стигне до големото финале на второто, според квалитет, регионално натпреварување – АБА 2 лигата. Аеродромци беа поразени од суботички Спартак и во реванш-средбата одиграна вечерва во Суботица.
СПАРТАК - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 98:64
Вториот финалист во ова издание на АБА 2 лигата во оваа серија беше најавена уште на средбата во Скопје, во која Спартак беше подобар за пет поени (78:73).
Но дилемите ги снема уште по првото полувреме од вториот натпревар одигран вечерва во Суботица. Односно 20.минути во кои домашната екипа, која и важеше како фаворит во оваа серија, „побегна“ на плус од 25 поени. На полувремето, Спартак водеше со недостижни (57:32).
Разлика направена во втората четвртина во која популарните „сини гулаби“ ја добија со (32-12).
Со оглед на тоа дека веќе за неколку дена ги чека продолжението од полуфиналето во македонскиот плеј-оф, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, се одлучи да ги остави на клупата оние играчи кои зад себе имаат голем број на минути.
Во прв ред, Војдан и Дамјан Стојановски, потоа и Танасковиќ, односно Баковиќ, а поголем „простор“ добија Андоноски и Миловановиќ.
На простувањето со оваа сезона од регионалното натпреварување, Ворку беше првиот и единствен играч на МЗТ Скопје Аеродром кој ја премина бројката од десет реализирани поени.
Со оваа победа екипата на Спартак и се придружи на новосадска Војводина во финалето на АБА 2 лигата, која во втората полуфинална серија успеа да излезе како победник против Подгорица.
АБА 2 ЛИГА – ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТИ
ПРВ НАТПРЕВАР
МЗТ Скопје Аеродром – Спартак 73:78
Подгорица – Војводина 98:80
ВТОР НАТПРЕВАР
Спартак - МЗТ Скопје Аеродром 98:64
Војводина – Подгорица 97:55