Во големото дерби на 12. коло, се сретнаа нашиот МЗТ Скопје Аеродром и водечката екипа во оваа лига, Златибор. македонскиот шампион имаше се во своите раце. И игра и резултат, но сето тоа го „потроши“ во последната четвртина, а загуби во екстра периодот од пет минути.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЗЛАТИБОР 85:90
МЗТ Скопје почна добро во дерби-дуелот на 12. коло од регионалното натпреварување. Посебно Американецот Гилон, кој врза шест поени во она почетно водство (10:4).
А за седум минути, Гилон веќе имаше и двојно повеќе реализации. Даде 12 од 18.поени за „сино-белите“ кои поведоа и со (18:12).
Првиот период од средбата заврши со водство за нашиот тим, минимално од (20:18).
Во вториот период, Златибор дури и премина во водство (22:20). Но само за кратко, затоа што следуваше серија на поени за МЗТ Скопје (11-0), која ги донесе до предност од девет поени (31:22).
Во тој дел од играта двете екипи погодуваа во серии, а во наредната Златибор се доближи на (29:33).
Но уште еднаш аеродромци влегоа во своја серија, коај ги донесе до двоцифрен плус кој го имаа на полувремето (42:32).
Не застанаа момците на тренерот Васко Атанасов, ниту по паузата од 15.минути. Во третата четвртина имаа и уште поголема позитива. На средината од тој дел од играта, имаа плус 15 (54:41). Сепак, во последната влегоа со доста пониски, но сосема солидни (63:54).
Период од играта во кој противникот одново имаше „свои минути“. Ги искористи за ново доближување. Со серијата од (7-1), „златиборци“, за кратко време, намалија на (61:64).
Дури и поведоа, со (72:66) во последните две минути.
Но прво Баковиќ, а потоа и Дамјан Стојановски го донесоа МЗТ Скопје во нов егал (72:72), и продолжение од пет минути.
Екстра период во кој нашиот шампион остана пократок за пет поени, но и за една голема шанса, да се вклучи дури и во трката за првата позиција на табелата во пресрет на последниот круг од натпреварите во кој ги чека дуел со домаќинот на овој турнир – екипата на Широки.
Вака, по 12 одиграни мечеви, екипата од Аеродром е на ефект (8-4), и ја чека голема неизвесност околу конечниот пласман пред последниот натпревар на турнирот, во недела од 18.часот.
На овој, статистиката вели дека со 25. реализации, но и девет асистенци и пет скока, Гилон беше најдобриот поединец кај скопските „сино-бели“. Делалиќ го заврши мечот со 21.поен и девет скока, а Д. Стојановски и Танасковиќ имаа по 14.
Утре следуваат уште два натпревари на нашите претставници. Прво, од 12. Часот, Пелистер ќе ја има последната шанса за место во плеј-офот. Но за да биде во финалните осум, ќе мора да го совлада лидерот на табелата, суботички Спартак. А од 11.часот, оваа сезона во АБА 2 лигата ќе ја затвори екипата на ТФТ Моцарт, во мечот со последнопласираниот тим на табелата – Шибенка.