На последниот меч од престојот на Златибор, македонскиот шампион играше против екипата на Борац од Бања Лука. Имаше екипата од Аеродром две одлични четвртини, првата и третата, на крајот доволно за трета победа во пет одиграни кола од АБА 2 лигата.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – БОРАЦ 67:61
Нашиот тим влезе подобро во натпреварот број 3 на собирот на Златибор, уште во почетните минути „сино-белите“ се стекнаа со солидно водство. На крајот на првиот период позитивата беше и двоцифрена (19:8).
Но следуваше „враќање“ на екипата од Бања Лука. Го одиграа кошаркарите на Борац тој втор дел во кој успеаа да анулираат поголем дел од негативата. На полувремето МЗТ Скопје водеше „само“ со (29:26).
Третата четвртина беше и најефикасната за МЗТ Скопје. Аеродромци реализираа дури 30.поени (примија само 17), за убедливо водство (59:43).
Но уште еднаш Борац успеа да се закани, прво да намали на (51:61). Но поените на расположениот Танасковиќ, и тројката на Ворку го одбија тој напад на противничката екипа, за (65:51).
Нашиот првак имаше дури петмина двоцифрени кошаркари, што е и една од основните причини за овој втор позитивен резултат, доволен за ефект (3-2) по завршувањето на вториот „балон“ во оваа сезона од АБА 2 лигата. На таа листа се најдоа браќата Стојановски, како и Танасковиќ, Баковиќ и Ворку.
Не реализираа многу во тој последна четвртина кошаркарите од Аеродром. Но тоа делумно го надополнија со добра игра во дефанзивата. Не му дадоа на тимот од Република Српска да ја (до)стигне високата предност. Борац имаше серија од седум поени по ред, за да намали на (58:65).
Во последните две минути „мируваа мрежичките“ на двата коша, поволно за нашата екипа. Танасковиќ дури и не реализира две слободни фрлања со кои можеше да го потврди триумфот. Стигна казната, веднаш, Вест погоди тројка, за уште пониски (61:65) на 35.секунди до крајот.
Но МЗТ Скопје го има Војдан Стојановски, кој прво мирно ги погоди двете слободни фрлања, за (67:61), а потоа ја освои топка, вредно драгоцена победа, втора на Златибор, трета во пет кола од регионалното натпреварување.
Утре, своите мечеви од ова петто коло ќе ги одиграат и другите два наши претставници. Од 15.часот, екипата на ТФТ Моцарт игра против словенечкиот Хелиос од Домжале, а три часа подоцна (18.00), битолски Пелистер за противник го има домаќинот на овој турнир, екипата на Златибор.