27.04.2024

„Металците“ не ја искористија предноста на домашeн терен, и загубија од Спартак (73:78) во првиот полуфинален дуел

АБА 2 ЛИГА: МЗТ Скопје со пет поени негатива патува на реваншот во Суботица

По две четвртини си поделија двата полуфиналисти во втората Јадранска лига на мечот во СЦ „Јане Сандански“. Гостите ја добија првата и последната, домаќините пак оние „средишни“ две, втората и третата.

Но крајниот ефект е порзителен за македонскиот шампион... За седум дена ќе патува за Суботица со пет поени заостанување.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – СПАРТАК 73:78

А имаа „металците“ одново свој моментум, оној во третиот период од играта во која па пред крајот на тој дел од мепот, со серија (11-3) дојдоа и до водство (55:50).

Претходно, аеродромци лошо почнаа, тешко поентираа во првото полувреме. Гостите од Суботица, со 13 поени по ред дојдоа до големи (26:15) на стартот од вториот период.

Момоемт, кој се чини како да ги „подразбуди“ аеродромци, кои заиграа подобро и на одмор заминуваа со негатива од четири поени (31:35). „Металците“ не само што го анулираа тој минус, туку и преминаа во водство.

Но во последниот период, евидентирано беше она од пред почетокот на натпреварот, дека Спартак има поголем избор на квалитетни кошаркари  што дојде до израз во финишот, кога составот од Суботица повторно дојде до двоцифрена предност (78:68).

Во оние минути кои останаа скопските „сино-бели“ споија пет поени и ја преполовија двоцифрената негатива.

Војдан Стојановски со 20 поени, шест асистенции и три скока, уште еднаш беше најдобар играч на македонскиот првак. Делалиќ постигна 13, а Баковиќ додаде уште 12 поени.

Реваншот се игра следната сабота во Суботица. Согласно со пропозициите, се игра на вкупна кош-разлика, што значи дека ако сакаат финале, аеродормци ќе мора да победат со повеќе од пет поени разлика.