Екипата на Златибор е новиот освојувач на пехарот наменет за најдобрата екипа во АБА 2 лигата.
Во големото финале играно во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје го совладаа македонскиот претставник во регионалното натпреварување – МЗТ Скопје Аеродром.
Нашиот шампион надополни негатива од 21 поен, имаше напад за победа, но во екстра периодот од пет минути застана. Златибор ја освои титулата во втората лига на Јадранот.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЗЛАТИБОР 73:78
Златибор беше екипата која имаше подобар старт во големото финале на АБА 2 лигата во Скопје. Поведоа гостите со (10-2),и по нешто повеќе од три минути игра, го примораа тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ да побара тајм-аут.
Не им одеше ништо на аеродромци и во добар дел од втората четвртина, делуваа крајно инфериорно, на двете страни од игралиштето.
Влегоа во уште поголема негатива (19:40), по само 13. минути од финалната средба од завршниот турнир во Скопје. Имаа дури десет загубени топки во тоа прво полувреме (половина од нив Мекиќ).
Но и во еден таков, непосакуван развој на настаните на теренот, по поените на Војдан Стојановски (11. во тој дел од играта), домаќините се доближија на (36:49) на истекот на полувремето во кое противникот сепак дојде и до 50. поени.
Ниту оние 15. минути за одмор не ја сменија сликата на теренот. Нашиот првак не можеше „да се спои“, за пет минути игра во продолжението имаше само три реализирани поени (исто толку и противнокот).
Но во Аеродром зборот „предавање“ не постои...
По тројката на капитенот Дамјан Стојановски, МЗТ Скопје Аеродром се спушти и на минусни десет поени (50:60) во последната минута од третиот период. А по двете слободни фрлања на Николов, негативата беше и едноцифрена,
По три четвртини, Златибор водеше „само“ со (60:52).
А по тројката на Николов „металците“ веќе влегоа во „зона за пресврт“, имаа -5, (57:62) и цели осум минути за да го преземат водството и да го освојат трофејот во АБА 2 лигата.
Како во транс заиграа домашните кошаркари, со некоја нова, невидена енергија, и нови точни обиди за три поени кои дојдоа од В.Стојановски и од Милошевиќ, МЗТ Скопје стигна до водство. На 06:11 минути до крајот, посакувани бројки на семафорот, (63:62).
А во последната минута, истиот покажуваше (72:72). Стојановски не го проигра како што треба Дејвис, кошаркарите на Златибор ја освоија топката. На осум секунди пред крајот, на другата страна од теренот, не погоди Ѓуран.
Мекиќ не положи за титула, па за неа мораше да се играат дополнителни пет минути.
Ни налик на оние од последната четвртина ги одиграа нашите кошаркари. Три и пол минути не постигнаа поени од игра, Златибор даде пет и поведе со (77:72). Погоди едно слободно фрлање, трагичарот Мекиќ, за (73:77).
Но тоа беше се за оваа сезона, Златибор е најдобрата екипа во АБА 2 лигата за сезоната 2021/2022! Го има и најкорисниот играч, Душан Кутлешиќ кој одигра одлично и во големото финале во Скопје, и го понесе МВП признанието.
МЗТ Скопје Аеродром со директен пласман во АБА лигата, Златибор ќе игра бараж!
Согласно со Пропозиците на АБА лигата, како победник во АБА 2 конкуренцијата, српскиот претставник сепак не обезбеди директен пласман во елитното друштво.
Со оглед на тоа дека во АБА 1 лигата Србија дава максимален број на учесници – пет, новиот освојувач на трофејот во оваа конкуренција ќе треба да игра бараж-натпревари против најслабо пласираната екипа од Србија (најверојатно екипата на Борац од Чачак).
Согласно со овој член на Пропозициите на АБА, МЗТ Скопје Аеродром како финалист обезбеди директен пласман во АБА лигата за натпреварувачката сезона 2022/2023.
Тоа е и најважниот момент од финалниот турнир кој во изминатава седмица се одржуваше во Скопје, а успешно го организираше македонскиот шампион.