26.03.2022

Битолчани го совладаа составот од Сараево (97:90) и со вкупен скор (4-9), се на 11 место на табелата во регуларниот дел од сезоната

АБА 2 ЛИГА: На простување од „балонот“ во Широки Бријег, Пелистер го победи Спарс

Во последниот натпревар од своето прво учество во регионалното натпреварување, кошаркарите на Пелистер славеа победа над сараевски Спарс. Доволно за ефект од четири победи и девет порази, и 11. Место на табелата во АБА 2 конкуренцијата

ПЕЛИСТЕР – СПАРС        97:90

„Зелено-белите“, интересно, ги добија сите четири четвртини на последниот натпревар од турнирот во Широки Бријег. Имаа постојано водство, и во ниту еден момент не му дозволија на противникот да го стигне или пак да направи пресврт.

Уште еднаш, не само во оваа сезона, одлично издание имаше двоецот Малешевиќ-Кесар. Реализираа 47, од крајните 97. поени. А двоцифрен број на поен имаше и третиот српски интернационалец во тимот од Битола, Николиќ, кој дополни со 13.поени, за збир од 60. поени кои дојдоа од овие тројца кошаркари.

Битолчани се враќаат дома со скор од две победи и еден пораз од Широки Бријег, или вкупно четири победи и девет порази, за 11. место на табелата пред утрешното „затворање“ на регуларната фаза од регионалното натпреварување.

Утре, од 15. часот, новиот лидер на табелата во АБА 2 лигата, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе ги одмери силите против екипата на Златибор. Со победа на овој меч „металците“ ќе ја потврдат првата позиција на табелата пред завршниот турнир, кој како што е познато од порано, ќе се игра во Скопје.