29.01.2024

ТФТ Моцарт играше доста добро, особено во првиот дел, но загуби од црногорскиот претставник со (88:83), на првиот ден од турнирот во Нови Сад

АБА 2 ЛИГА: На ТФТ му беа малку и „плус 16“ за да ја победи Подгорица

Екипата на ТФТ Моцарт го одигра својот осми натпревар во АБА 2 лигата. На премиерниот ден од турнирот во Нови Сад, скопските „црно-бели“ играа против екипата на Подгорица. Одиграа над своите моментални можности во најголем дел од првото полувреме. Имаа и висока предност, од 16.поени во првото полувреме. Но сето тоа не беше доволно за успех...

ПОДГОРИЦА – ТФТ МОЦАРТ    88:83

Се што градеа кошаркарите на ТФТ во првото полувреме, и изградија доста, практично го загубија во последните две минути од втората четвртина.

Одличната игра на екипата од Тафталиџе, посебно во нападот, креираше предност од 16.поени, запишана во неколку наврати, прво (42:26), потоа и (45:29). Но во оние 2:40 минути кои останаа да се доиграат до големиот одмор, ТФТ ги одигра очајно, поточно најслабо во тие 20. Му дозволија на веќе „паднатиот“ противник да се „подигне“. И тоа со серија од (12-0) и да стигне до активен резултат (41:45) на полувремето.

Дваесет минути, кои да не беа оние нецели три, можеше да се констатира дека беа и најдобрите за македонскиот претставник во овие осум кола од регионалното натпреварување.

Ако во првиот дел кој го решија во своја корист (29:20) се „отвори“ новакот Калхун, во вториот период „надвор од контролата“ на противникот „излезе“ Зафиров. Брзометно, реализира три тројки (од шест тимски), кои беа и „основа“ за убедливото водство.   

Во продолжението стигнаа нови проблеми, оние со лични грешки. Половина од стартерите во тимот на тренерот Боро Смилковски влегоа во опасната зона (имаа по четири), момент кој сериозно го „отвори“ рекетот на нашата екипа. Прв играта, од таа причина, ја напушти Хаутон, ротацијата „падна“ за еден битен играч.

Екипата од Подгорица брзо стигна и до нерешен резултат, (46:46), во наредниот напад имаше и минимално водство (47:46). Некоја минута подоцна, црногорскиот тим имаше уште повисоки (58:54).

Но по три одиграни четвртини, ТФТ Моцарт сепак имаше активен резултат, противникот имаше само еден поен повеќе (60:59).

Во четвртината на одлука, нашиот претставник остана и без Николов (поради пет лични грешки), а „живееше“ од шутот. По уште еден точен обид зад линијата од 6.75 метри, кој стигна од Зафиров, ТФТ ја врати предноста на своја страна. Поведе со (73:70) по 35.минути игра.

Ама крајот на мечот беше далеку, имаше да се играат повеќе од пет минути. Со комплетно „мала петорка“, ТФТ имаше водство и на две минути пред крајот, пред да дојде тројката од Брновиќ, за плус 4 (82:78) за подгоричани. И 79. секунди за дефинитивна одлука кој ќе биде победник на овој возбудлив натпревар.

Тајм-аутот на тренерот Смилковски не донесе ништо за неговиот тим, затоа што Калхун направи грешка. Но ТФТ доби уште една шанса. Поточно Луис, кој доби две слободни фрлања. Не го искористи првото, второто да, за пониски (79:82). Но, една би се рекло, и  несреќна реакција во одбраната го „стави“ искусниот Ѓукановиќ на линијата за слободни фрлања.

Ги погоди двете, за недостижни (84:79).

Статистички гледано, во своето сосема добро издание,Зафиров броеше до 17.поени, Луис имаше два повеќе, Верц заврши со 12, Калхун 11. Ташовски даде девет на овој натпревар во малата сала на СПЕНС во Нови Сад.

Утревечер, во исто време, од 21.часот, екипата на МЗТ Скопје ќе игра против словенечкиот Шенчур, додека пак во среда, од 15. часот, нашиот трет претставник во ова натпреварување, Пелистер, за противник ја има екипата на Шибенка.