22.03.2021

И со кратка ротација, МЗТ Скопје Аеродром беше рамноправен во дуелот со Спарс, одлучија финалните минути (68:76)

АБА 2 ЛИГА: Не е лесно без тројца стартери, МЗТ Скопје не ги издржа последните три минути

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се чекор поназад во реализацијата на плановите кои се граничат со висока позиција во АБА 2 лигата.

Вечерва, запишаа нов пораз, сега и од конкурентот за место при врвот на табепата, екипата на Спарс, па ќе имаат сериозно тешка задача да ја одбранат и позицијата на која се наоѓаат по 11.одиграни натпревари.

Иако со три играчи помалку во ростерот, МЗТ Скопје Аеродром беше конкурентен. Но не и во последните три минути, кои се покажаа како решавачки за конечниот епилог.  

СПАРС - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ           76:68

Со голем хендикеп екипата од Аеродром отпатува на турнирот на Златибор. Отсуството на тројца играчи кои се водат и како стартери во МЗТ Скопје, беше превидливо, и доста очигледно во дуелот со сараевски Спарс.

Буквално од првата минута беше јасно дека тоа ќе биде сериозен проблем во играта, особено што во раната фаза од играта високите играчи како Карачиќ и Крстевски влегоа во проблеми со личните грешки.

Добро воиграниот тим од Сараево доста лесно стигна до двоцифрена предност, која по десет минути изнесуваше десет поени (23:13).

Со серија од (10-4), „аеродромци“ се доближија на (23:27). Потоа, по третата тројка на Стојановски, и (26:29).

Но Бојиќ имаше проблеми да се одбрани од Камењаш, кој за доста кратко време реализираше 12.поени. Но високото крило на „сино-белите“ со тројка (10.негов поен во полувремето), донесе нерешен резултат (31:31) во 18.минута.   

Егал беше резултатот и на полувремето (33:33) кога погоди Крстевски.

Репрезентативното крило му донесе и водство на МЗТ Скопје Аеродром. По три минути од третата четвртина беше (41:40). Во наредните три, по „два плус еден “ играта на Тарнер, и плус 5 (48:43). Но не го задржаа. До истекот на овој дел од играта Спарс направи своја серија од (12-3) со која ја врати предноста (55:51).

Карачиќ, со тројка, го отвори последниот период. Стојановски погоди уште еднаш од таа позиција, и донесе „минималец“ за својата екипа (60:59) во средишниот дел од четвртината. Но рано влегоа во „бонус“ кошаркариите кои сега ги предводи Дарко Радуловиќ. Сериозен проблем во последните четири минути.

Комбинирано со големиот број на загубени топки, ги однесе кон најголемата негатива (62:70) и кон поразот.

За нив петти во 11.одиграни мечеви, кој ќе ги намали уште повеќе шансите за висок пласман во регуларниот дел од регионалното натпреварување.

Стојановски реализираше 20.поени, Бојиќ имаше 14. А Крстевски и Тарнер завршија со дабл-дабл ефект. Имаа по 11. реализации, односно првиот и 10 скока, а вториот уште 11. асистенции.

Тешко ќе им биде на „металците“ и во продолжение на престојот на Златибор со девет играчи во ротација ги чекаат уште два натпревари за кратко време. Во четврток, од 13 часот, дуелот со Горица, а во недела, исто така од 13.часот, ќе го затворат регуларниот дел од лигата со средбата против домаќинот Златибор Чајетина.

Утре навечер, од 21,часот, вториот наш претставник во АБА 2 лигата, екипата на Работнички ќе игра против екипата на Борац од Бања Лука.