08.10.2024

Домашната Војводина стигна до сигурна победа (93:62) за нив втора во двете одиграни кола во групата „А“ од регионалното натпреварување

АБА 2 ЛИГА: Некомплетниот Работнички конкурентен само едно полувреме во Нови Сад

Кошаркарите на Работнички го забележаа и вториот пораз во новата сезона на АБА 2 лигата. По стартниот, оној на домашен терен од екипата на Сутјеска, подобра од нашиот најтрофеен клуб беше Војводина, која имаше убедливо второто полувреме во малата сала на СПЕНС центарот во Нови Сад, за максимален ефект е лидер во групата „Б“ од ова натпреварување.  

ВОЈВОДИНА – РАБОТНИЧКИ  93:62

Шутот од далечина добро ги служеше избраниците на тренерот Горна Самарџиев во тоа прво полувреме. Погодија „црвено-белите“ од Скопје девет тројки (од 18.обиди), по три од нив дадоа Ефремовски и Ѓуроски. И тоа беше причината број 1 поради која Работнички беше во заостанување од само девет поени (47:38).

Претходно, Војводина се стекна со почетно водство. На истекот на првиот период домаќините водеа со солидни (28:20), а во текот на втората изградија уште повисоки (39:26), впрочем, тоа беше и највисоката разлика која ја имаа новосаѓаните во првото полувреме.

Она во кое искусниот Ѓуроски веќе имаше 13.реализации, Ефремовски застана на девет, а еден помалку постигна Шошкиќ.

Нашиот претставник во оваа регионална лига беше конкурентен се до средината на третата четвртина, кога повторно по „заслуга“ на прецизниот шут за три поени, Работнички уште еднаш, со мини-серија од пет поени, „се симна“ на едноцифрен минус (46:54).

Но во другите пет минути од третиот период, Војводина направи големи (19-4), кои ги донесоа новосадските „црвено-бели“ на недостижни (73:50) по три одиграни четвртини.

Со (пре) кратка ротација и ослабен состав во кој нема(ше) дури тројца странски кошаркари (по заминувањето на Сикираш и Персон. Јовичиќ допатува повреден), Работнички не успеа да парира на онаа стабилна игра во нападот на Војводина. Кога домаќините го подигнаа процентот на реализација, во последните десет минути од играта скопјани влегоа во уште поголема негатива.

Своето добро, пред се, шутерско издание, Ефремовски го заокружи со реализација на 17.поени, Ѓуроски застана на 15 (и пчет скока), Шошкиќ додаде уште 10, но имаше и осум асистенции и три скока. Полутак заврши со седум, Хот имаше шест, а Двојаковски пет поени во нашиот тим.

Во третиот круг од натпреварите во ова друштво, кошаркарите на Работнички ќе се сретнат со сараевска Босна. Тој натпревар ќе се игра на 23.октомври во СРЦ „Кале“ во Скопје.