25.01.2023

Битолските „зелено-бели“ убедливи против сараевски Спарс (99:71), стигнаа до делба на 6.позиција на табелата

АБА 2 ЛИГА: Пелистер е уште еден чекор поблиску до плеј-офот

Битолчани делуваа ефикасно во нападот, и сосема добро во одбраната против младиот состав од Сараево, И стигнаа до уште една победа со која ги задржаа шансите во трката која води во ТОП 8, односно плеј-офот во оваа регионална конкуренција. 

СПАРС – ПЕЛИСТЕР          71:99

Екипата од Сараево имаше предност по првата четвртина. Доста ефикасна за Спарс, во која реализираа 28, пет повеќе од битолчани.

Но работите се променија со почетокот на вториот период од играта во кој Пелистер покажа дека е и тоа конкурентен во ова АБА 2 друштво. Пред се, „зелените“ одиграа доста добра одбрана во која на противникот му дозволија да остане на едноцифрен број на реализации, кои ги имаше до пред самиот крај на четвртината.

Во нападот пак, се разигра „трилингот“ Караџовски-Карутерс-Карпентер. Искомбинираа 39 од крјаните 51 поен кои ги имаа „пелистерци“ на полувремето. И кои им донесоа сосема солидна позитива од 13.поени, (51:38).

Она второто донесе само потврда плус, дека во овој момент Пелистер е далеку подобра екипа од Спарс.  

Продолжи со ефикасната игра четата на тренерот Марјан Илиевски и по одморот од 15.минути. Во оној трет период од играта, битолчани реализираа 26, примија 18.поени, и практично тука некаде и го решија прашањето околу конечниот победник на оваа средба во која освен троецот Караџовски-Карутерс-Карпентер, во продолжението од играта, како „двоцифрени“, им се придружија и Хаџифејзовиќ, односно репрезентативецот Маслинко.

Со една петорка „двоцифрени“, нема(ше) и зима за тренерот Илиевски на овој меч по кој Пелистер (играше без помошта на репрезентативниот бек Бобан Стајиќ), е на ефект (5-3) и со сосема реални шанси за дефинитивен приклучок во ТОП 8 друштвото кое ќе одлучува за учесниците во АБА лигата.

Во наредното, деветто по ред, коло од ова регионално натпреварување, на 27.јануари (од 15.часот), Пелистер ќе игра против екипата на Сутјеска од Никшиќ.