Одлична премиера на Пелистер на турнирот во Широки Бријег. На отворањето на последниот „балон“ славеа убедлив триумф против Вредноснице Осијек.
ПЕЛИСТЕР – ВРЕДНОСНИЦЕ ОСИЈЕК 97:78
Екипата од Осијек го отвори многу подобро првиот натпревар од „балонот“ во Широки Бријег, последен во регуларниот дел од АБА 2 лигата во кој се предвидени три кола.
Битолчани делуваа како „тешки во нозете“, никако не успеваа да најдат, пред се одбранбени решенија за играта на противникот, особено нивниот најдобар играч, Тополовиќ, кој беше вистинска енигма за кошот на Пелистер.
Хрватскиот тим имаше почетни (15:8), потоа (23:17), за првата четвртина да ја заврши со (24:19). Нивната позитива беше и повисока (27:19), слично беше и во 14.минута (36:29).
Но втората половина од втората четвртина битолчани ја одиграа како што посакуваа(т).
Го покачија процентот на реализација „пелистерци“ што беше видливо и во резултатот. По поените на расположениот Малешевиќ (11 поени во првото полувреме), намалија на (35:36). А во финишот на четвртината, по реализацијата на Младеновски и едно слободно фрлање, кое го реализираше Караџовски, Пелистер направи пресврт.
На полувреме „бело-зелените“ однесоа три поени вишок (45:42).
Во продолжението еден сосема друг, поинаков, подобар Пелистер. Екипа која заличе на онаа која е лидер во нашиот шампионат. Во третата четвртина битолчани испорачаа дури 30, примија двојно помалку поени, за убедливи (75:57), и најава за третиот успех во АБА 2 лигата.
Во онаа последната само стигна потврдата дека Вредноснице сепак не се ривал по мерка на другите екипи во ова регионално натпреварување. Сите играли на кои сметаше стручниот тим на Пелистер (повторно без недоволно закрепнатиот Марјан Илиевски), вклучително и „повратникот“ Стајиќ, го пронајдоа патот до кошот на противникот.
По 16. реализации имаа Кесар и Малешевиќ, 13 дојдоа од Николиќ, додека Стајиќ застана на бројката од десет поени.
Утре вечер, од 21. часот, нашиот втор претставник во оваа регионална конкуренција, МЗТ Скопје Аеродром ќе игра против екипата домаќин на овој турнир, Широки.