23.03.2022

Во доста изедначен меч, со многу резултатски промени, „сонцата“ од Домжале победија со (85:81)

АБА 2 ЛИГА: Пелистер „не одигра“ и за МЗТ Скопје, загуби од Хелиос

Кошаркарите на Пелистер не успеаја во обидот да стигнат и до својата втора победа на „балонот“ во Широки Бријег. Во доста израмнет и неизвесен меч, третопласираниот тим на табелата во АБА 2 лигата, Хелис, стигна до многу важна победа. 

ХЕЛИОС САНС – ПЕЛИСТЕР        85:81

После шест и пол минути игра, Пелистер поведе со повеќе од солидни (17:9) што беше знак за тајм аут на Хелиос. Даде резултат, затоа што словенечкиот тим направи серија од (9-0) за да го превземе водството (18:17). Сепак, четвртината заврши со водство на битолчани. По тројката на Караџовски (четвртта од пет тимски обиди) беше (22:20).

Водеа „пелистерци“ и со (31:26), кога уследи втoрата серија на Хелиос од (8-0) за промена на водството. Феноменално шутираше Махковиќ, едноставно не знаеше да утне. Ги погоди сите пет обиди за три поени, дојде до 23.поени, и најмногу по негова заслуга (половина од поените) екипата од Домжале и го заврши првото полувреме со предност (47:44).  

Во нашата пак сите девет играчи кои влегоа во игра (освен Пајиќ, кој остана на клупата) го погодија кошот на противникот. Во тој прв дел, Караџовски даде 8, а Ѓуроски и Младеновски по 6. поени. Но високите играчи како Кесар и Младеновски влегоа во проблеми со лични грешки – имаа по три!

Пелистер го задржа поентерскиот учинок и во третиот период. Уште еднаш „зелено-белите“ дадоа 22. поени (како и во првите две четвртини). Беа довони за нерешен резултат (66:66) на истекот на тој трет дел од играта во кој свои минути имаше Малешевиќ, потоа и Караџовски. Крилото на Пелистер постигна десет поени во серија за да му донесе ново солидно водство на својот тим (56:51). Но исто како и во првото полувреме, битолчани брзо го потрошија тој „кредит“, па во последната четвртина се тргна „од нула“.

Двете екипи продолжија со висок процент на реализација, особено во шутот за три поени. Пелистер одново се одвои, овојпат на шест поени (72:66) по двете врзани тројки на Стајиќ. Истата предност беше и некоја минута подоцна (74:68), кога дојде уште една мини-серија на Хелиос. За нова промена на водството (79:76), како што беше на 3:40 минути пред крај. Пашајлиќ погоди многу битна тројка за плус 4 (82:78), предност која Хелиос ја имаше на влезот во последните две минути (84:80).  

Имаше екипата од Битола шанси да го стигне тоа водство. Но прво Кесар беше половичен од линијата за слободни фрлања, за (81:84), потоа Ѓуроски згреши во додавањето, на крај Малешевиќ побрза да даде тројка од половина терен и да го однесе натпреваро во продолжение од пет минути.

Но, се остана само на обиди за нашиот претставник кој сега е на ефект од три победи и девет порази.

Во петок, од 18. часот, својот втор меч од турнирот во Широки Бријег ќе го одиграат кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром. Во дерби дуелот на последниот „балон“ ги чека пресметката за првото место против бањалучки Борац. Двете екипи го дочекуваат натпреварот со идентичен ефект (9-2).