Битолчани ја искористија втората шанса, славеа, тешка, но повеќе од заслужена победа во мечот на одлука. Беа подобри од Слога од Краљево во повеќе од три четвртини. Застанаа неколку минути во последната. Но ја одбранија двоцифрената предност, и се наградија себеси, клубот, навивачите, и раководството на клубот, да бидат учесници и на завршнити, на финалниот турнир од АБА 2 лигата, оној во наредниот месец во Домжале, кој ќе го даде патникот во АБА конкуренцијата и екипата која ќе разигрува во баражот за второ место во елитата на Јадранот.
СЛОГА – ПЕЛИСТЕР 93:96
Пелистер го одигра првото полувреме како што сме навикнале да го гледаме во изминатиот период.
Пред се, максимално ефикасно делуваа избраниците на тренерот Марјан Илиевски во тие 20 минути во кои и се стекнаа со убедливо водство. На полувремето заминаа со плус од 16 поени, (56:40).
Таа висока разлика „зелено-белите“ ја одржуваа се до средината на последната четвртина.
Откако во последниот период влегоа со уште поголема предност од онаа на полувремето (78:61), битолчани помислија дека се веќе во плеј-офот.
Беа жестоко казнети за тоа опуштање...
Му дозволија на тимот од Краљево да ја истопи таа голема предност. Во средината на четвртата четвртина, Слога заостануваше само два поени (83:85).
Кени Карпенер беше човекот кој ја прекина серијата на противникот. На средина од четвртината најдобриот играч на Пелистер на оваа средба. погоди за три поени (по седми пат на мечот), за да му даде на својот тим „воздух“, и водство од „два поседи“, (88:83). Во наредните два напади, Карутерс „врза“ уште четири поени, за уште поприфатливи (92:83).
Но до крајот имаше цели три и пол минути...
Оние во кои одново Карпентер му даде плус од пет поени на тимот од Битола (95:90). Но во последните 16 секунди, следуваше тројка на Симеуновиќ, за нова драма во преостанатите 13.
Прво Стајиќ беше „испратен“ на линијата за слободни фрлања. На шест секунди од истекот на регуларните 40.минути, репрезентативниот бек го погоди само второто, за (96:93). А во последниот напад, Американецот Дан не донесе продолжение од пет минути. И му „донесе“ плеј-оф на Пелистер.
Но, оние поголеми заслуги, дефинитивно, им припаѓаат на играчите и на стручниот штаб на Пелистер.
На овој натпревар, тоа беше феноменалниот Карпентер кој освен тројката за „мир во куќата“ (7. од 12. обиди), запиша вкупно 26. поени, седум скока и пет асистенции. Карутерс имаше само три помалку, но и девет скока и пет додавања. Свои минути на одлична игра имаше и Маслинко, кој заврши со 19 поени, а во првото полувреме, и Хаџифејзовиќ (застана на 13 реализации).
Ова беше седмата победа во 12 одиграни мечеви за Пелистер, која носи најмалку осмо место на табелата. За некоја позиција погоре ќе се борат во третото коло од „балонот“ во Широки Бријег, и последното 13 воопшто во регуларниот дел од сезоната.
„Пелистерци“ ќе играат уште против екипата на Подгорица, а тој натпревар ќе се игра на 11 март (сабота) со почеток од 15. часот.
А неколку часа порано, поточно од 15 часот, вториот наш претставник во регионалната лига, екипата на ТФТ, ќе игра против најдобрата екипа во оваа групна фаза – Хелиос од Домжале.