Кошаркарите на Пелистер го одиграа и вториот натпревар во „балонот“ во Бања Лука. За противник ја имаа екипата на Сутјеска од Никшиќ.
Одлично прво полувреме одиграа кошаркарите од Битола, иако нивниот предводник од клупата, Марјан Илиевски, го немаше на располагање стартерот, Сеад Хаџифејзовиќ. По изедначената трета четвртина, екипата од Никшиќ испрати сериозна закана во последната. Но на крајот, Пелистер слави минимална победа, шеста во девет одиграни мечеви. И делба на 4 позиција на табелата во пресрет на следниот круг од натпреварите
ПЕЛИСТЕР – СУТЈЕСКА 77:75
Во воведните минути Сутјеска поведе со (10:7), но со двете тројки, втората на Караџовски, и поентирањето на Карпентер, со серија од (8-2), Пелистер поведе со (15:12), нешто потоа и со (18:15), како што стоеше на семафорот по шест минути од играта.
Серијата на точни обиди за три поени ја продолжи Караџовски, а по поентирањето на Мустафица, „бело-зелените“ беа на уште повисоки (23:16). Одличанта прва четвртина екипата од Битола ја потврди со поените на Карпентер, за (25:16), парцијални (10-1), во четири минути, по оние нерешени (15:15).
Првите поени (четири) во втората четвртина беа за Сутјеска за намалување на негативата на (20:25). Но „пелистерци“ го одбија тој напад, дури стигнаа и до првото двоцифрено водство (34:24), во средина на тој дел од играта.
И не застанаа, иако без помошта на еден од најдобрите играчи во досегашниот дел од сезоната, Сеад Хаџифејзовиќ, ја продолжија серијата на поени за (38:24)...
Карпентер ја диктираше играта во нападот на Пелистер, по неговиот 15.поен, нашиот претставник во ова регионално натпреварување „побегна“ и на плус 15 (41:26).
Слично беше и на крајот на тоа полувреме, (43:28) за Пелистер.
Нашата екипа ја имаше контролата над играта и резултатот и во третиот дел од играта, во кој ја сочуваа високата предност, (62:47).
Но се што градеа во тие три четвртини битолчани загубија во онаа последната. Комплетно застанаа, му дозволија комплетен „камбек“ на противникот. Во последната минута Сутјеска дојде и до само три поени негатива (72:75).
На 15 секунди пред крајот, Томашевиќ погоди само едно од двете слободни фрлања (73:75). А потоа следуваше техничка грешка која ја заработи Карпентер, која го испрати Томашевиќ повторно на линијата за слободни фрлања. Овојпат беше максимално прецизен, погоди за нерешен резултат (75:75), на четири секунди пред последниот звук на сирената која означува крај на регуларниот дел.
Во меч винер се претвори Андреј Маслинко кој ги погоди двете слободни фрлања вредни голем триумф, шести за битолчани, и високо четвртто место на табелата.
Во последниот круг од натпреварите на турнирот во Бања Лука, на 29.јануари, во недела, од 12.часот, битолчани ќе играат против актуелниот шампион во АБА 2 лигата, екипата на Златибор.