Исклучително интересниот и неизвесен натпревар го одлучи поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Немања Протиќ со кош за победа на нешто повеќе од една секунда пред крајот.
Претходно, битолчани направија пресврт и беа на чекор од продолжение, но не го издржаа последниот напад.
ЗЛАТИБОР – ПЕЛИСТЕР 85:83
Српскиот претставник го диктираше темпото во текот на речиси целиот меч, Пелистер два пати беше во водство во првата четвртина и една во последната, но со само еден поен разлика. Златибор водеше со (19:10) во првиот период (36:24) во вториот и највисоките (45:32) на почетокот од третиот.
Пелистер се разигра во последната четвртина. По минусните десет поени (62:72) направи серија (12-3) и се доближи на само еден поен негатива (74-75).
А на 32 секунди пред крајот, по тројката на Малешевиќ, дури и поведе со (79:78). Кутлешиќ врати на идентичен начин, а потоа Стајиќ погоди едно од двете слободни фрлања за (80:81).
Рос беше два пати прецизен од истото место за повторно +3, а Ѓуроски, како и Стајиќ реализира само еднаш. Останаа уште 12. секунди до крајот, по што Кесар украде топка и Хотон израмни на (83:83). А во последниот напад, Протиќ го помина цел терен и под фаул ја протна топката во обрачот за победа на Златибор.
Никола Малешевиќ постигна 30 поени, а имаше и 8 скока и 6 асистенции, а покрај него, двоцифрен беше само уште Кесар со 23 поени.
По турнирот во Сарајево, Пелистер останува на претпоследната позиција во АБА 2 со биланс (1/6).